Кошаркарот Џонтеј Портер, кој беше доживотно суспендиран од НБА во 2024 година поради скандал со обложување, за кој чека изрекување затворска казна, пронајде нов ангажман. Откако му беше одбиена дозвола за играње во Грција, 26-годишниот Портер потпиша со Сиетл суперхокс, тим во американската УСБЛ-лига.
Тој се изјасни за виновен во јули 2024 година, пред Федералниот суд во Бруклин, за заговор за интернет-измама. Поранешниот играч на Торонто репторс и на Мемфис гризлис беше ослободен со кауција од 250.000 долари, но неговиот пасош беше конфискуван за да се спречи да ги напушти САД. Иако се соочува со максимална казна од 20 години затвор, се очекува да биде осуден на три до четири години.
Крилниот центар, висок 190 см, е обвинет за договарање со обложувалниците за да го намести својот настап на два натпревари на Торонто репторс во сезоната 2023/2024, со цел да им овозможи профит. Скандалот ескалираше по натпреварот на Репторс против Сакраменто на 20 март, кога тој го напушти натпреварот поради наводна повреда, по само две минути и 43 секунди. Во тој период, забележа само два скока и ниту еден поен.
Истражителите забележаа невообичаено голем број облози за слабите резултати на Портер, односно дека тој нема да ги достигне статистичките ограничувања поставени за тој натпревар од 7,5 поени и 5,5 скока. Откриено е дека еден од неговите познајници платил 80.000 долари обложувајќи се на неговите слаби резултати, што ќе му донесело профит од 1,1 милион долари доколку не била откриена измамата.
Внатрешна истрага на НБА потврди дека Портер, братот на ѕвездата на Денвер нагетс, Мајкл Портер Јуниор, намерно го напуштил натпреварот за да влијае на исходот од облогот. Во официјалното соопштение на лигата се вели дека Портер „им открил доверливи информации на обложувалниците, го ограничил своето учество на еден или на повеќе натпревари и лично се обложувал на натпревари од НБА“.
Инаку, УСБЛ-лигата е професионална кошаркарска организација што официјално се враќа оваа година. Во неа ќе настапуваат тимови како Сиетл суперхокс, Сан Диего сурф, Лос Анџелес блу вејвс, Салем капиталс, Спокејн лилак сити леџендс, Јакима хит, Ванкувер берс и Бејкерсфилд маџестикс.
Модерната УСБЛ е организирана да ја пополни празнината на пазарите без НБА- тим, а воедно да создаде значајни можности за развој на недоволно застапените играчи на професионално ниво.











