Водечкиот снабдувач со горива во земјава, ОКТА, од 13 до 31 март ќе обезбеди попуст за трговците на големо и мало кои ги набавуваат нафтените деривати од компанијата, со цел да се ублажат ценовните притисоци врз пазарот и врз крајните потрошувачи. Владата апелира трговците да го пренесат попустот од 2 денари од ОКТА и во малопродажните цени на бензинските пумпи

 

Водечкиот снабдувач со горива во земјава, ОКТА, од 13 до 31 март ќе обезбеди попуст за трговците на големо и мало кои ги набавуваат нафтените деривати од компанијата, со цел да се ублажат ценовните притисоци врз пазарот и врз крајните потрошувачи. Според најавите, попустот изнесува околу 2 денари по литар за дизелот и бензините, што треба да им овозможи на дистрибутерите дополнителен простор ова намалување да го пренесат и во малопродажните цени на бензинските пумпи. Иницијативата следува по зголеменото снабдување со гориво преку продуктоводот ВАРДАКС, со што дополнително се зајакнува стабилноста на домашниот пазар.

Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакна дека компанијата реагира на нестабилноста на меѓународните енергетски пазари со конкретна поддршка за домашниот пазар.

– Препознавајќи ги предизвиците во енергетскиот сектор, ОКТА презема конкретни чекори за поддршка на пазарот и на потрошувачите. Почнувајќи од 13 март до крајот на месецот воведуваме попуст од 2 денари по литар за дизел и бензини за трговците кои набавуваат горива од ОКТА, со што им се овозможува оваа придобивка да ја пренесат кон крајните потрошувачи –  изјави Пасхос.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалувањето да се почувствува уште веднаш на бензинските пумпи.

–  Изминативе денови работевме со Министерството за енергетика и со најголемиот снабдувач, ОКТА. Компанијата ќе даде попуст од околу 45 до 50 долари по тон, што би значело намалување од околу 2,5 денари по литар. Разговарав и со сопственици на бензински пумпи кои рекоа дека тоа ќе им го пренесат на крајните корисници. Очекувам цените на нафтата и нафтените деривати да се намалат за околу 2,5 денари по литар – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека и покрај глобалните ценовни притисоци, горивата во Македонија остануваат поевтини во споредба со регионот.

– Тоа би значело дека литар дизел кај нас ќе биде околу 1,35 евра. Во соседството, во Србија е над 1,80 евра, во Албанија исто околу 1,80 евра, во Косово над 1,50 евра, а во земјите од Европската Унија дизелот веќе е над 2 евра –  рече премиерот.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, изрази очекување дека трговците со горива ќе бидат општествено одговорни и попустот ќе го пресметаат во конечните цени за граѓаните.

– Регулаторната комисија ја утврдува максималната цена. Се надевам дека сите компании ќе бидат фер кон граѓаните и дека попустот што ќе го добијат од ОКТА ќе го рефлектираат во малопродажните цени, наместо да прават дополнителен профит – изјави Божиновска.

Таа додаде дека профитите на дел од компаниите во изминатите години биле значителни и очекува тие сега да излезат во пресрет на граѓаните.

– Се надевам дека ќе бидат општествено одговорни и дека нема да има профитерство во овој период, туку дека сите ќе постапат во интерес на граѓаните – нагласи министерката.

И покрај неодамнешниот пораст на цените, Македонија и натаму има пониски цени на горивата во споредба со дел од регионот. Според податоците на Министерството за енергетика, дизелот во земјава се продава за околу 1,39 евра по литар, додека во Бугарија е околу 1,41 евро, во Словенија 1,53 евра, во Грција 1,59 евра, во Црна Гора 1,50 евра, во Хрватска 1,55 евра, во Србија 1,78 евра, во Албанија дури 1,89 евра за литар. Доколку се реализира очекуваното намалување од околу 2,5 денари по литар, дизелот во земјава би се спуштил на околу 1,35 евра, што дополнително би ја задржало Македонија меѓу земјите со најниски цени на гориво во регионот.

Од Министерството за енергетика уверуваат дека, и покрај глобалните турбуленции, снабдувањето со горива во земјава е стабилно. Божиновска посочи дека конфликтот на Блискиот Исток и ограничувањата во транспортот низ Ормутскиот Теснец, преку кој поминува околу 20 проценти од светската нафта, создаваат силни притисоци врз светските пазари, но домашниот пазар засега е стабилен.

– Компаниите располагаат со обезбедени резерви и снабдувањето е дополнително зајакнато преку продуктоводот ВАРДАКС – рече таа.

Таа посочи дека, во моментов, во земјата има значителни резерви на горива и тоа 138,8 милиони литри евродизел, 32,1 милиони литри еуросупер 95, 10,7 милиони литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1), 5,28 милиони килограми мазут М1.

Божиновска посочи дека трговците, согласно со правилникот, се должни во секое време да имаат оперативни резерви за покривање на најмалку петдневна просечна продажба, а според контролите на Државниот пазарен инспекторат, сите компании ги исполнуваат овие обврски.

Владата најавува дека внимателно ја следи состојбата на глобалните пазари и дека, доколку ценовните притисоци продолжат, ќе ги искористи сите механизми за заштита на стандардот на граѓаните.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ