понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЈКП „Водовод“ – Битола инвестира во паметен и одржлив водоводен систем

ЈКП „Водовод“ – Битола инвестира во паметен и одржлив водоводен систем

42

Јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола започнува процес на сериозна трансформација кон модерен и одржлив водоводен систем. Ова беше потврдено на работниот состанок, на кој присуствуваа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на ЈКП „Водовод“, Андреј Гинов, и претставници од швајцарската амбасада, со кои било разговарано за деталите на новиот проект за модернизација.

Коњановски истакна дека проектот кој е насочен кон модернизација на водоводниот систем, опфаќа прецизна евиденција и контрола на потрошувачката, воведување SCADA-систем и современи водомери, подобрување на наплатата и намалување на загубите, со посебен акцент на руралните средини.

– Оваа иницијатива произлегува од реалната потреба за технолошка модернизација и дигитализација на системот, со цел обезбедување поефикасно управување со водните ресурси. На средбата беше истакната значајната соработката и со европските фондови, чија поддршка овозможува развој и имплементација на современи решенија. Нивното активно учество претставува клучен фактор за понатамошно унапредување на системот – нагласи Коњановски.

Овој проект претставува прва фаза од поширок процес, кој во иднина треба да прерасне во целосна дигитализација на водоводната мрежа, особено во делот на автоматизирано отчитување во руралните средини.

Со инвестиции во инфраструктурата и дигитализација, се очекува зголемена ефикасност на системот, подобрување на услугите кон корисниците и одржливо и одговорно управување со водните ресурси.

Проектот претставува континуитет и надградба на долгогодишните инвестиции и заложби на ЈКП „Водовод“, со јасна цел – целосно дигитализиран и ефикасен систем.

Со овие активности, Битола прави значаен чекор кон одржливо, модерно и одговорно управување со водните ресурси.

ИЗДВОЕНИ