петок, јули 10, 2026
Дома СВЕТ ОН: Земјите треба да го отфрлат обидот на Иран да го контролира...

ОН: Земјите треба да го отфрлат обидот на Иран да го контролира Ормускиот теснец

0

Земјите треба да го отфрлат обидот на Иран да наметне суверенитет над Ормускиот теснец и „едностраните одлуки“ од страна на иранско тело за контрола на виталната бродска линија, соопшти управното тело на ОН за меѓународен бродски сообраќај.

Меѓународната поморска организација на ОН (ММО) со седиште во Лондон е одговорна за безбедноста на меѓународниот поморски сообраќај и спречувањето на загадувањето и е составена од 176 земји-членки.

Заштитата на виталниот воден пат беше тема на состанокот оваа недела на управниот совет на ММО, кој брои 40 члена.

Советот „остро ја осуди“ одлуката на Иран да „формира тело за контрола на сообраќајот низ теснецот“, се вели во необврзувачките заклучоци од состанокот.

Тие ги повикуваат членовите да не го признаваат „суверенитетот на Иран над Ормускиот теснец, неговата јурисдикција над поморските зони на други земји во и околу теснецот и активностите на Иран насочени кон спречување и попречување на меѓународната пловидба и правото на минување низ теснецот“.

Неодамна формираната Управа за премин во Персискиот Залив на Иран во јуни советуваше дека на ниту еден брод не треба да му биде дозволено да помине низ Ормускиот теснец „без валидна дозвола“ од тоа тело.

Иран, кој нема претставништво во советот, на состанокот на ММО изјави дека ги отфрла „селективните, политички мотивирани и правно неосновани обвинувања“ против него.

Иран не е потписник на меѓународната поморска конвенција на UNCLOS и не е обврзан со режимот за навигација утврден со тој документ, рекоа иранските делегати, пренесува „Хина“.

ИЗДВОЕНИ