Планинарската акција, покрај спортско-рекреативниот карактер, има и едукативна димензија, овозможувајќи им на учесниците да се запознаат со богатото културно и духовно наследство на регионот
Планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово, вчера, по деветти пат ја организираше традиционалната планинарска акција „Милениумска патека“ на планината Сува Гора, на релацијата од селото Блаце до Волковија. На настанот учествуваа околу 150 лица од различни возрасни групи.
Акцијата, покрај спортско-рекреативниот карактер, има и едукативна димензија, овозможувајќи им на учесниците да се запознаат со богатото културно и духовно наследство на регионот.
Како што рече Борис Стојановски од ПК „Јелак“, планинарите тргнале од селото Блаце во 9 часот, при краткотраен дожд, по што времето се разведрило и продолжиле по предвидената патека. Посебен белег на настанот биле бројните рекреативци и најмладите учесници, кои со својата разиграност придонеле за позитивната атмосфера.
Од селото Блаце и црквата „Св. Троица“, патеката продолжила кон живописното Стенче, каде што биле посетени црквите „Св. Петка“, „Св. Илија“ и „Св. Екатерина“, како и локалитетот „Граиште“ со својата импресивна ранохристијанска базилика. Потоа, колоната продолжила кон селото Волковија и духовниот храм „Св. Георги Победоносец“.
– Авантурата финишираше околу 14:30 часот со пристигнување на крајната дестинација – црквата „Св. Мина“ во село Волковија. Таму беше обезбеден ручек на целта, со што официјално и со многу позитивна енергија беше затворен уште еден прекрасен есенски ден на „Милениумска патека“. Посебна топлина на целото патување му даде домаќинскиот пречек од сите црковни одбори од Блаце, Стенче и Волковија, кои ги пречекаа планинарите – изјави Стојановски.
„Милениумска патека“ првпат била организирана во 2018 година, по иницијатива на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и Македонската православна црква, по повод одбележувањето на 1.000 години од Охридската архиепископија.












