Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница денеска ги започна креативните работилници во рамките на проектот „Креативни работилници за рачни традиционални изработки“, насочен кон зачувување на македонската традиција, поттикнување на креативноста и унапредување на инклузијата.
Во реализацијата на проектот се вклучени Центарот за социјална работа, соработници од музејот „Теракота“ и жени од Виница кои со своето знаење и искуство ги негуваат традиционалните техники на рачна изработка.
Преку презентации, демонстрации и практична работа, учесниците имаат можност да се запознаат со традиционалните занаети и да создаваат уникатни рачни изработки. Активностите овозможуваат размена на знаења и искуства, поттикнување на творештвото и заедничко учество на различни категории граѓани.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам за 2026 година, како активност од национален интерес во областа на визуелните уметности.












