Foto: GRK Ohrid - Facebook

Ракометарите на Охрид тримфираа на 54-то издание на Меѓународниот турнир во Струга. Во финалето што се одигра на ракометното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, Охрид славеше во драматичен финиш со 31:30 (15:13) и го одбрани трофејот кој го освои и минатата година.

Двете екипи имаа свои моменти, но кога најмногу требаше поконцентрирани беа охриѓани и го одбранија трофејот. Охрид на две минути до крајот поведе со три гола разлика, но Вардар успеа да намали на еден, па на три секунди до крајот се избори и за напад за реми. Сепак, .чуварот на мрежата на Охрид, Дино Славиќ го одбрани последниот удар и му овозможи на Охрид да го одбрани трофејот од ланското издание.

Најефикасен во победничкиот табор беше Филип Талески со девет голови, додека на спротивната страна најдобар беше Мохаб Абделхак со осум погодоци. Хрватот Славиќ беше прогласен за најдобар голман, а Мартин Иваноски за најдобар играч на турнирот.

Ракометарите на Прилеп, пак го освоија третото место, откако го совладаа домаќинот Струга со 30:28. Најефикасен во составот на Прилеп беше Никола Шипинкоски кој постигна шест гола, а го следеше Андреј Стојановски со пет погодоци. Кај Струга, Никола Јукиќ беше прв стрелец со седум погодоци, додека Костадин Петров додаде шест гола.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ