Еден од најдобрите спортисти на сите времиња, Новак Ѓокови,ќ полека влегува во завршната фаза од својата тениска кариера, а прашањето кога ќе го одигра последниот натпревар сè почесто е во центарот на вниманието. Своја прогноза за тоа кога би можел да замине Србинот во пензија даде и легендарниот Џон Мекинро. Според поранешниот американски тенисер, 2027 година би можела да биде последната сезона за Ѓоковиќ, кој во моментов има 39 години и зад себе има кариера каква што ретко се гледа во светскиот спорт.
– Не сакате да се најдете во ситуација да се прашувате зошто сте престанале кога, можеби, сте можеле да освоите уште нешто. Токму со таа дилема се соочува Новак во моментов. Тој стигна до финалето на Австралија опен и, веројатно, размислува дека може да освои уште една титула. Дали ќе се пензионира во 2027 година? Се чини дека наскоро би можело да се случ тоа. Би рекол дека е многу реална можност – изјави Мекинро.
Сепак, Ѓоковиќ досега не најавил конкретен датум за крај на кариерата. Напротив, неговите досегашни изјави покажуваат дека сè уште има голема мотивација да се натпреварува, а посебна желба му е да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес, во 2028 година.
Српскиот ас дури најави дека би сакал токму таму, со знамето на својата земја на рамената, да ѝ стави крај на неверојатната кариера. Сепак, признава дека конечната одлука ќе зависи од физичката подготвеност и од тоа како ќе реагира неговото тело на напорите.
Интересно е и тоа што Ѓоковиќ воопшто не сака постојано да се зборува за освојувањето на рекордната 25. гренд слем титула. Тој истакна дека веќе е задоволен од постигнатото и дека јавноста понекогаш создава непотребен притисок со очекувањата за нови рекорди.
– Како да не се доволни 24 грен слем титули, па мора да бидат 25! Како да не се доволни 100 освоени турнири, па мора да бидат 110! А што ако никогаш не се случи таа 25. титула? Дали значи тоа дека била неуспешна мојата кариера? – порача Ѓоковиќ.
Засега, единствено сигурно е дека тенискиот свет нема да сака да го види неговото збогување. Дали ќе се случи тоа во 2027 година, како што предвидува Мекинро, или ќе издржи Србинот до Олимписките игри во 2028 година, ќе покаже времето.












