Грчкиот кошаркарски гигант, екипата на Панатинаикос, продолжува да гради моќен тим за новата сезона, а најновите информации од Израел најавуваат можност што би можела целосно да ја раздвижи европската кошарка. Според тамошните медиуми, грчкиот великан е заинтересиран за доведување на две големи НБА-имиња: Расел Вестбрук и Д’Анџело Расел.

Информацијата ја објави израелскиот портал „Скоракиас“, кој тврди дека двајцата поранешни НБА-олстар кошаркари се на радарот на Панатинаикос. Во моментов двајцата се слободни агенти, па евентуалниот трансфер во Европа не е невозможен, иако нивни приоритет останува продолжувањето на кариерата во НБА.

Засега нема официјална потврда од клубот, па останува дилемата дали станува збор за уште една летна шпекулација или за амбициозен план на сопственикот Димитрис Јанакопулос да доведе нови ѕвезди во Атина.

Панатинаикос веќе беше исклучително активен на трансфер-пазарот. Во тимот пристигнаа Мустафа Фал, Бранко Бадио, Исак Бонга и Гершон Јабуселе, додека Хуанчо Ернангомес го продолжи договорот. Во ростерот остануваат и главните носители на играта, меѓу кои Кендрик Нан, Најџел Хејс-Дејвис, Џеријан Грант и Костас Слукас.

Вестбрук, поранешен МВП на НБА од 2017 година, минатата сезона бележеше во просек по 15,2 поени, 5,4 скока, 6,7 асистенции и 1,3 украдени топки на натпревар, со 43 проценти шут од игра и со 34 проценти за три поени. Во кариерата настапуваше за Оклахома, Хјустон, Вашингтон, Лос Анџелес лејкерс, Лос Анџелес клиперс и за Денвер.

Д’Анџело Расел, пак, минатата сезона имаше просек од 10,2 поени, 2,3 скока и четири асистенции, со 41 процент успешност при шутот од игра.

Доколку Панатинаикос навистина успее да доведе барем еден од овие двајца кошаркари, тоа би бил еден од најзвучните трансфери во поновата историја на Евролигата.

 

ИЗДВОЕНИ