Струга ова лето ќе биде уште пораздвижена. Советот на Општина Струга донесе одлука со која им се продолжува работното време на угостителските објекти во текот на културните, туристичките и на другите јавни манифестации што ќе се одржуваат во градот.

Со оваа одлука, кафулињата, рестораните и другите угостителски објекти ќе можат да работат подолго во деновите кога ќе биде Струга полна со гости, туристи и со посетители. Работното време ќе биде продолжено за еден час на повеќе датуми во текот на годината, меѓу кои се 26, 27 и 28 јули, повеќе денови во август, како и во септември, октомври, ноември и декември 2026 година.

Два часа подолго ќе се работат и на 1, 2 и 3 август 2026 година, период кога се очекуваат зголемена посетеност и поголема раздвиженост во градот. Од Општина Струга велат дека целта е да им се излезе во пресрет и на граѓаните и на туристите, но и да им се помогне на локалните угостители во текот на туристичката сезона. Продолженото работно време треба да овозможи подобра атмосфера за посетителите и полесна организација на настаните.

Со оваа мерка, надлежните очекуваат дополнителен поттик за локалната економија и уште една можност Струга да го покаже својот туристички и културен потенцијал.

– Градот треба да живее, а гостите да имаат каде да поминат убаво време – е пораката што произлегува од одлуката, со која Струга продолжува да се подготвува за уште една богата сезона со настани и со посетители.

ИЗДВОЕНИ