понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија пред нагла временска пресвртница: Силен северен ветер, дожд и снег на...

Македонија пред нагла временска пресвртница: Силен северен ветер, дожд и снег на планините

0

Под влијание на влажен и ладен воздушен бран од север на ден понеделник (23 ноември) во Македонија ќе дува засилен до силен ветер најпрвин од западен а потоа од северен и од северозападен правец кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 70 км/час. Сето ова ќе услови температурите нагло да опаднат во однос на сегашните (и тоа температурите ќе опаднат за 15 степени).

Ќе има и врнежи од дожд кои пообилни ќе бидат во западните предели каде локално ќе наврнат над 25 литри на метар квадратен воден талог. Поради заладувањето, врнежи од дожд на планините над 1200/1300 метри надморска височина ќе преминуваат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка од 5 до 15 сантиметри, а на повисоките планини над 1700/1800 метри снежната покривка ќе биде со висина од 15 до 20 сантиметри а може и повеќе.

Во вечерните часови на ден понеделник (23 ноември) особено во западните и во северните предели снежната граница може да се спушти и под 1000 метри надморска височина, па така услови за провејување на снег ќе има и во повисоките населени места (градовите).

Во Скопје и околината за време на овој ладен и влажен воздушен бран од север ќе дува засилен до силен ветер од северен правец кој во делови од регионот и од котлината повремено ќе достигнува брзина од 60 до 70 км/час. И во Скопје и околината ќе има врнежи од дожд со слаб до умерен, повремено и со умерен интензитет, додека на околните планини ќе има услови и за врнежи од снег.

Максималните температури во Македонија на ден понеделник (23 ноември) ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 19 степени, а во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 14 степени. Меѓутоа од попладневните часови, а особено вечерта температурите забрзано ќе опаѓаат.

ИЗДВОЕНИ