вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ НАТО испраќа моќен радарски авион во Полска по падот на руски ракети

НАТО испраќа моќен радарски авион во Полска по падот на руски ракети

0

Алијансата го засилува надзорот на воздушниот простор откако три ракети од типот „Х-101“ паднаа на полска територија; исто така се разгледува и распоредување на дополнителни воени капацитети.

НАТО ќе распореди авион од типот AWACS (Систем за воздушно предупредување и контрола) во Полска, откако три руски ракети паднаа на територијата на оваа земја, изјави полскиот заменик-министер за одбрана, Павел Залевски.

Овој потег е дел од одговорот на Алијансата на инцидентот што ги зголеми стравувањата дека војната во Украина би можела да се прелее на територијата на земја-членка на НАТО.

Според обвинителството, три руски ракети „Х-101“ паднале на полска територија во петокот, пренесува Ројтерс.

„На Полска ѝ се става на располагање авион за рано предупредување од типот AWACS. Станува збор за исклучително способен систем кој ни овозможува уште подобар оперативен увид во ситуацијата и овозможува поефективен одговор на вакви закани“, изјави Залевски по состанокот на НАТО во Брисел.

Портпарол на НАТО потврди дека Врховниот сојузнички командант за Европа, генералот Алексус Гринкевич, го одобрил распоредувањето на авионот во Полска.

Според Залевски, се разгледува и распоредување на дополнителни воени капацитети, додека НАТО продолжува да ги проценува своите одбранбени капацитети и капацитетите за одвраќање во Полска и во други делови од своето источно крило. Авионите AWACS вршат надзор на небото уште од 1982 година.

НАТО располага со флота од 14 авиони AWACS, кои се препознатливи по своите големи радарски куполи со дијаметар од девет метри.

Од 1982 година, овие авиони се користат за надзор на воздушниот простор и за рано откривање на потенцијални закани. Тие се стационирани во воздушната база Гајленкирхен во Германија, а од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, имаат клучна улога во мисиите за надзор долж источното крило на НАТО.

Во случај на вооружен конфликт, AWACS обезбедува заеднички радарски увид во ситуацијата за сојузничките борбени авиони, поморските пловила и командните центри, истовремено насочувајќи ги борбените авиони на НАТО кон нивните цели.

ИЗДВОЕНИ