Ферари минува низ тешка сезона во Формула 1, со само две победи и 378 освоени бодови, речиси 200 помалку од лидерот Мерцедес. Поради резултатите, шефот на тимот Фредерик Васер се соочува со сè поголеми критики и гласишта дека би можел да ја загуби функцијата.

Во јавноста веќе се споменува и името на Кристијан Хорнер, поранешниот шеф на Ред Бул, како можен наследник на Васер. Сепак, Луис Хамилтон јавно застана зад актуелниот шеф на Скудерија и порача дека тој е вистинскиот човек за тимот.

  • Фред ја има целосната поддршка. Тој е фантастичен лидер и го води тимот во вистинската насока, изјави седумкратниот светски шампион.

Хамилтон потсети дека Васер минатата сезона помогнал во промените во тимот, како и во освојувањето на второто место во шампионатот кај конструкторите. Британецот призна дека му пречи огромната негативност што често го следи Ферари, особено кога тимот ќе направи грешка.

  • Од некоја причина, кога станува збор за Ферари, сè се преувеличува десеткратно, рече Хамилтон, нагласувајќи дека огромните очекувања се дел од статусот на италијанскиот тим.

Хамилтон, кој долги години работеше во Мерцедес со поинаква структура, призна дека во Ферари постојат работи што би ги променил. Сепак, седумкратниот шампион не сакаше јавно да открие на кои конкретни промени мисли, оставајќи ја темата отворена за иднината.

ИЗДВОЕНИ