вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Мерц ја призна грешката со Украина: Да го направевме тоа во 2008...

Мерц ја призна грешката со Украина: Да го направевме тоа во 2008 година, немаше да има војна

0
EPA/CLEMENS BILAN

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека било грешка што на Украина не ѝ било овозможено членство во НАТО во 2008 година. Говорејќи во понеделникот на прес-конференција во Берлин, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Мерц беше прашан дали се согласува со францускиот претседател Емануел Макрон дека сега е време да се разговара за пристапувањето на Украина во НАТО.

Мерц истакна дека, гледајќи од денешна перспектива, било грешка што не бил прифатен американскиот предлог – изнесен на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година – Украина да биде примена во Алијансата.

„Да станеше членка на НАТО, оваа војна веројатно можеше да се спречи“, рече тој, мислејќи на целосната руска инвазија врз Украина.

Кон крајот на 2024 година, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја бранеше својата политика кон Украина – конкретно нејзиното одбивање, на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, да го отвори патот за пристапување на Украина во западната воена алијанса.

„Дури и по внимателно разгледување, заклучив дека тоа дефинитивно беше исправна одлука и дека за неа постоеја добри причини“, изјави Меркел во политички подкаст, чиј домаќин беше германската телевизиска новинарка и водителка Ан Вил.

Меркел остана на ставот дека постапила правилно, посочувајќи дека во тоа време, голем дел од украинското население се противело на приклучувањето на земјата кон НАТО. Макрон неодамна јасно стави до знаење дека сака да отвори дискусија за пристапувањето на Украина во НАТО.

„Со оглед на моменталната ситуација и бескомпромисниот став на Русија, сметам дека мораме повторно да го отвориме прашањето за пристапувањето на Украина во НАТО“, рече Макрон по самитот на „Коалицијата на подготвените“ – група земји што ја поддржуваат Украина – одржан во Берлин.

ИЗДВОЕНИ