Обидот за погубување на Криста Пајк, осудена на смрт за убиство на соученичка во деведесеттите години на минатиот век, се претвори во борба за живот, откако нејзиното срце не престана да чука откако прими две дози смртоносна инјекција.
По неуспешната егзекуција, како што соопштија нејзините адвокати, оваа 50 годишна жена е префрлена во болница, каде што е подложена на интензивна нега за да ѝ се спаси животот. Новинарите се обидуваат да откријат во која болница се наоѓа, но безуспешно. Официјално е соопштено само дека болницата не е поврзана со затворот, а според нејзините адвокати, се наоѓа близу до затворот.
Погубувањето на Пајк требаше да биде прво извршување на смртна казна врз жена во државата Тенеси по повеќе од 200 години, но резултираше со откажување на сите егзекуции закажани за до крајот на годинава. Сега се истражува што се случило и зошто двете дози смртоносен лек не дејствувале на жената. Како што пренесе Ју-ес тудеј, ова е втора неуспешна егзекуција во Тенеси за само четири месеци, што поведува прашања за способноста на државата да ја изврши смртната казна, како и за уставноста на овој метод на национално ниво.
Криста Пајк доби смртна каза за грозоморното убиство на соученичката Колин Слемер во 1995 година. Криста, која тогаш имала 18 години, ја убила 19 годишната Слемер измачувајќи ја и удирајќи ѝ ја главата со парче бетон. Во тоа ѝ помогнале нејзиното момче и уште една ученичка. На телото на Слемер имало врежано пентаграм, а по злосторството, Криста во училиштето покажувала парче од нејзиниот череп.












