Високите цени на становите, скапите станбени кредити и неизвесноста околу приходите се меѓу главните пречки со кои се соочуваат младите во Македонија кога сакаат да се осамостојат и да формираат семејство. За многумина, купувањето сопствен дом значи преземање обврска што ќе ја отплаќаат со децении, па одлуката за стан често се одложува, а со неа и плановите за деца. Токму затоа најавените мерки за олеснување на купувањето прв стан отвораат и едно пошироко прашање: дали поевтините станови и поповолните услови за кредитирање ќе им дадат поголема сигурност на младите да формираат семејство и дали може да се одрази тоа врз наталитетот во државата?
Од 1 декември Народната банка ќе воведе нови, построги правила за задолжување на граѓаните, но истовремено предвидува исклучоци за оние што првпат купуваат сопствен дом. Паралелно со тоа, премиерот Христијан Мицкоски најави законска мерка со која младите брачни двојки до 35 години би можеле да купат стан по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
Мицкоски најави дека градежните компании што ќе сакаат да добијат дозвола за градба, ќе мора да издвојат најмалку 10 проценти од станбената површина за младите брачни двојки до 35 години, по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
-Ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачните парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната – рече Мицкоски.
Тој најави и нула комуналии за изградба на куќа за брачните двојки до 35 години, оценувајќи дека со овие мерки ќе се овозможат похумано градење и полесно решавање на станбеното прашање. Сепак, мерката допрва треба да биде преточена во закон, а од конкретните услови ќе зависи кој ќе има право да аплицира, како ќе се распределуваат становите и како ќе се утврдува пазарната цена од која ќе се пресметува попустот.
Од друга страна, Народната банка од 1 декември ќе ги смени правилата за максималното задолжување на граѓаните. Кај денарските кредити, максималниот однос на вкупните месечни кредитни обврски со приходите се намалува од 50 на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента – од 45 на 40 проценти. Тоа значи дека банките ќе мора да применуваат построги критериуми при процената колкав дел од приходите може да биде наменет за отплата на кредити.
На пример, лице со месечна плата од 60.000 денари досега можело да има вкупни месечни кредитни обврски до 30.000 денари кај денарските кредити. Со новите правила, овој износ се намалува на 27.000 денари. Кај кредитите со валутна компонента, лимитот за истите приходи ќе изнесува 24.000 денари наместо досегашните 27.000 денари. При пресметката се земаат предвид сите постојни кредитни обврски, а не само ратата за новиот кредит.
Сепак, за граѓаните што првпат купуваат сопствен дом, се предвидени поповолни услови. За нив остануваат досегашните лимити од 50 проценти кај денарските и 45 проценти кај кредитите со валутна компонента, како и максималниот рок за отплата на станбениот кредит од 30 години. За купување втор и секој нареден стан, пак, максималниот рок се намалува од 30 на 25 години, додека кај потрошувачките кредити обезбедени со хипотека ќе изнесува најмногу 15 години.
Но, дали полесното купување стан ќе значи и повеќе деца? Податоците на „Евростат“ за 2025 година покажуваат дека 66,1 процент од домаќинствата во Македонија биле без издржувани деца, додека 33,9 проценти имале деца. Од вкупно 595.600 домаќинства, 393.400 биле без деца, а 202.200 имале издржувани деца. Просечниот број деца по домаќинство изнесувал 0,60, што е намалување за 25 проценти во споредба со 2015 година, кога изнесувал 0,80.
За споредба, во Европската Унија, 76,6 проценти од домаќинствата биле без деца, а 23,3 проценти имале издржувани деца. Во изминатите 15 години, уделот на домаќинствата со деца во ЕУ континуирано се намалувал – од 26,9 проценти во 2010 година на 23,3 проценти во 2025 година. Во тој период, се зголемил бројот на домаќинства составени од едно возрасно лице без деца.
Сопствениот дом може да им помогне на младите да се осамостојат и да формираат семејство, но сам по себе не гарантира зголемување на наталитетот. За повеќе деца, покрај полесниот пристап до стан, потребни се сигурни работни места, пристојни приходи и подобри услови за живот.
(А. С.)












