недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Како во „Терминатор“: Украинците планираат да испратат армија роботи на бојното поле/ВИДЕО

Како во „Терминатор“: Украинците планираат да испратат армија роботи на бојното поле/ВИДЕО

33
Фото: X screenshot

Поранешниот украински министер за одбрана Михајло Федоров претстави нова иницијатива под наслов „Војска од роботи“, чија цел е развој на технологија која на бојното поле треба да преземе дел од задачите што денес ги извршуваат војниците.

Проектот беше претставен на конференцијата „IT Arena“ во Лaвов, а е замислен како поширок одбранбено-технолошки екосистем, а не како една компанија. Федоров најавува инвестиции во компании од секторот за одбранбена технологија, развој на сопствени проекти, истражување и тестирање решенија заедно со армијата, пишува „Kyiv Independent“.

„Ќе инвестираме во компании за одбранбена технологија, ќе стартуваме сопствени технолошки проекти, ќе развиваме истражувачки капацитети, ќе тестираме решенија заедно со војската и што е можно побрзо ќе го прошируваме она што ќе се покаже како ефикасно на бојното поле“, порача Федоров.

Новата иницијатива се надоврзува на проектот „Војска од дронови“, кој Федоров го започна во 2022 година додека беше министер за дигитална трансформација.

Посебен акцент се става на развојот на копнени роботски системи, вклучително и хуманоидни роботи кои во иднина би можеле да ги заменат војниците во рововите и за време на нападите.

Според наводите на украинските медиуми кои го следеа неговото излагање во Лавов, Федоров изјави дека една од целите на проектот е во рок од шест месеци да се постигне хуманоиден робот за првпат да ликвидира непријателски војник, додека во рок од една година роботските системи треба самостојно да извршат напад врз непријателска позиција без учество на пешадија.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, прикажани се различни роботски системи кои се движат низ рововите и бојното поле, додека луѓето управуваат со нив од безбедна оддалеченост.

„Роботите го пресретнуваат непријателот, се бранат од напади, уништуваат цели и први влегуваат на непријателските позиции. Луѓето управуваат со системите од безбедна оддалеченост и влегуваат дури откако позицијата ќе биде безбедна“, се наведува во видеото.

Федоров порача дека ваквото сценарио можеби звучи како војување на иднината, но дека развојот веќе започнал.

ИЗДВОЕНИ