Домашни и природни производи, лековити билки и традиционални вкусови од рурална Македонија пристигнуваат во Скопје.
„Билкилајф“, центар за хербализам, туризам и одржлив развој, го организира настанот „Од рурално до урбано“ – саем на домашни и природни производи, кој ќе се одржи утре, од 10:00 до 16:00 часот, во „Јавна соба“ во Скопје.
Настанот има цел да ги приближи руралните производители до урбаната публика, создавајќи простор за промоција на локалното производство, традиционалните знаења и за одржливите практики поврзани со лековитите билки и земјоделските производи.
– Посетителите ќе имаат можност да откријат и дегустираат природни производи создадени со грижа и посветеност – лековити и ароматични билки, природна козметика, мед, земјоделски преработки, вино, ракија и рачно изработени производи инспирирани од природата. На саемот ќе учествуваат и пет локални производители, кои ја поминаа едукативната обука во рамките на проектот и стекнаа практични знаења за подобрување на продажбата, пласманот и развојот на своите производи – велат организаторите.
Тие додаваат дека, покрај саемот, во рамките на проектот биле реализирани и повеќе едукативни обуки и работилници насочени кон развој на одржливото земјоделство со лековити билки.
– Преку теоретска и практична настава, учесниците се запознаа со основите на органското билкарство, заштитата на билките и климатски отпорните земјоделски практики. Со оваа иницијатива, „Билкилајф“ развива модел на одржливо земјоделство базирано на лековитите билки и на локалните ресурси, кој ја поттикнува руралната економија, ја враќа природнат а рамнотежа и ја зајакнува локалната заедница – објаснуваат организаторите.
Саемот се реализира во рамките на проектот „Со лековити билки до одржливо земјоделство и рурален развој“, со цел да се зајакне врската помеѓу руралното производство и урбаните потрошувачи и да се поттикне поголема поддршка за малите локални производители.
Проектот е поддржан од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во рамките на регионалната иницијатива „Академија од фарма до виљушка за Зелен Западен Балкан – наша заедничка европска иднина“, финансирана од Европската Унија.
Регионалниот проект „Академија од фарма до виљушка за зелен Западен Балкан – наша заедничка европска иднина“ се фокусира на спроведувањето на процесот, приближувањето и интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан, во секторот за земјоделство и рурален развој, преку унапредување на зелената и правична транзиција во регионот, преку придонесот на актерите од граѓанското општество.












