Еден допир на ретровизори, вербална расправија и неколку минути подоцна – куршум во глава. Банален сообраќаен инцидент кај скопското село Шишево можел да прерасне во крвав епилог со смртни последици.
Јавното обвинителство отвори истрага против двајца браќа од Скопје, на возраст од 43 и 44 години, осомничени за обид за убиство на едно лице, при што во опасност биле доведени и уште две лица. Според истрагата, драмата започнала на 6 јуни во близина на авто-плац во Шишево. При разминување на патот, возилата на братот на оштетениот и на едниот од осомничените се допреле со ретровизорите. Наместо инцидентот да заврши со извинување или кратка расправија, следувала жестока вербална пресметка.
Обвинителството наведува дека еден од осомничените го фатил другиот возач за врат и му се заканувал, по што присутни лица успеале да ја смират ситуацијата. Но, конфликтот тука не завршил? Според обвинителските наводи, откако нападнатиот ја зел сопругата од работа, го повикал својот брат да провери дали патот е безбеден за враќање. Наместо безбедно враќање дома, ги чекала заседа.
Во близина на местото на претходната расправија, двајцата осомничени, според истрагата, биле скриени во грмушки и вооружени со пиштоли. Кога возилото поминало покрај нив, едниот од браќата испукал два куршума. Еден од проектилите го погодил братот на претходно нападнатиот маж во главата, нанесувајќи му повреда. Само сантиметри, според околностите на случајот, можеле да направат разлика меѓу повреда и трагедија. Со пукањето биле загрозени и уште две лица кои се наоѓале во близина.
Обвинителството ги товари двајцата браќа како соизвршители на кривично дело „Убиство“ во обид. За нив е определен притвор од месец дена поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик да го повторат или довршат делото за кое се гонат. (П.А.)












