понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ Трамп му ги врзува рацете на Биби: Нетанјаху се соочува со тежок,...

Трамп му ги врзува рацете на Биби: Нетанјаху се соочува со тежок, речиси невозможен избор

113
EPA/JALAA MAREY / POOL

Со тоа што му порача на Израел да не возвраќа на иранскиот ракетен напад, американскиот претседател Доналд Трамп, очигледно решен да постигне договор со Техеран, го постави премиерот Бенјамин Нетанјаху пред исклучително тежок избор. Додека Израел се подготвуваше за она што висок израелски функционер го нарече „силен одговор“ на Иран, Трамп побара од нив да го откажат.

Пред да разговара со Нетанјаху, американскиот претседател, преку новинарот Барак Равид, рече дека Израел не треба да возвраќа. „Веднаш ќе му се јавам на Биби и ќе му кажам да не возвраќа. Израел го започна нападот, Иран одговори. Не ни треба уште една рунда“, рече Трамп.

Иако ги отфрла тврдењата дека Нетанјаху го вовлекол во војна со Иран, американскиот претседател во последните недели е сè погласен во својата желба да го заврши конфликтот што е можно поскоро, дури и без да ги постигне сите цели на САД и Израел, објавува „Тајмс оф Израел“. Тој продолжува да инсистира дека сака договор што ќе го спречи Иран да развива нуклеарно оружје, но протечените нацрт-документи не нудат такви гаранции. Тој, исто така, се грижи за непречен сообраќај низ Ормускиот теснец и како резултат на тоа смирување на нарушувањата на енергетските пазари.

Дури и додека иранските ракети паѓаа врз северен Израел, Трамп тврдеше дека договорот со Техеран е многу блиску. „Би рекол дека договорот ќе биде потпишан во понеделник, вторник или среда следната недела“, рече тој.

Барањето на Трамп го става Нетанјаху пред речиси невозможен избор: може да го послуша Вашингтон и да се откаже од одговор, ризикувајќи да го ослаби израелското одвраќање и политичка штета пред изборите, или да го игнорира Трамп и да се впушти во нова ескалација со Иран, во која Израел би можел да се најде без целосна американска поддршка.

Според првите информации за разговорот меѓу двајцата лидери, што ги објавби Равид, Нетанјаху не успеал да го промени ставот на Трамп.

Поранешниот израелски амбасадор во САД, Мајкл Орен, шпекулира дека израелскиот премиер можеби се обидел да добие поддршка од САД за тајна операција против Иран или некаква конкретна компензација за воздржаност, како што е пристап до бомбардери Б-2 кои можат да ги таргетираат длабоко закопаните нуклеарни постројки на Иран. Исто така е можно да се обидел да го убеди Трамп да се откаже од договорот, кој Израел го смета за премногу благ кон Техеран.

Но, изгледите за таков исход изгледаат мали. Нетанјаху разговараше со американскиот претседател, чии домашни политички околности не оставаат простор за понатамошна ескалација и кој, според сите извештаи, е решен да избегне ширење на конфликтот.
Клучното прашање сега е дали иранскиот режим се чувствува доволно самоуверен за да ја прецени својата позиција и да го предизвика Трамп, иако тој отворено сака да постигне договор. Дали постапките на Техеран можат доволно да го фрустрираат американскиот претседател за да го принудат да ја обнови својата воена кампања против Иран?

Искуството од минатото сугерира дека Исламската Република веројатно нема да направи таква грешка, а Трамп би можел да се најде во улога на претседател кој се обидува да постигне договор со режим на кој не му верува, оставајќи го Израел заробен помеѓу американскиот притисок и сопствените безбедносни интереси.

Во интервју за Фајненшл тајмс, Трамп рече дека ако разговорите не успеат, тој би можел да прибегне кон нова воена акција или да ја продолжи сегашната блокада на Иран. Но, тој беше многу јасен за едно нешто: Нетанјаху ќе мора да прифати каков било договор што Вашингтон ќе го постигне со Техеран.

„Тој нема да има избор“, рече Трамп, нагласувајќи: „Јас ги носам одлуките. Јас ги носам сите одлуки“. Авторот на статијата заклучува дека ова може да вреди за Израел, но не е нужно и за Иран.

ИЗДВОЕНИ