петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од мебел до слот-машини: коцкарница на чекор до училиштен двор

Од мебел до слот-машини: коцкарница на чекор до училиштен двор

Коцкањето се шири, законот стои во место

3695

Поранешниот салон за мебел на главната улица во Општината Ѓорче Петров денес е затворен, со затемнети излози и со работници што набрзина го преуредуваат просторот. Она што до вчера беше место за избор на гарнитури и кујни, за неколку недели ќе стане нов клуб со апарати за игри на среќа, и тоа на само 240 метри од најблиското училиште. Веднаш зад големиот објект, каде што веќе се лепат реклами со насмеани атрактивни девојки до слот-машини, се наоѓа градинка, наспроти неа основното училиште „Мирче Ацев“ и учениците го минуваат големиот одмор токму во овој дел од околината за прошетка и купување храна. Само десетина метри полево, веќе трепка неонски натпис за џек-пот клуб, а веднаш до него – обложувалница. Во радиус од неколку стотици метри, на истата улица, се наредени и три објекти за брзи кредити. Сè на едно место: игра, долг и надеж за брза добивка.

– Искрено, мислев дека ќе отворат вежбалница или нешто корисно за младите. Ова веќе нема смисла, на секој агол има коцкање – вели жителка од соседството, која секојдневно поминува покрај објектот.

Друг граѓанин реагира дека концентрацијата станува загрижувачка:

– Имаш џек-пот, па обложувалница, сега уште една. А до нив – кредити. Ако загуби некој, веднаш има каде да позајми. Ова е затворен круг.

Родител на ученик од блиското училиште вели дека најмногу го плаши близината.

– Децата секој ден минуваат тука. Каква порака им праќаме? Дека е нормално коцкањето? Место едно кино да ни отворат, тие само коцкарници редат. Некои од жителите веќе ја губат надежта дека ќе се промени нешто. Секогаш исто, ветуваат дека ќе се намалат, а ние добиваме нови. Очигледно, бизнисот си тера – вели тој.

Ваква е сликата во цело Скопје и во градовите од внатрешноста. Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која неодамна, преку „Гугл мапс“, ги мапираше казината, обложувалниците и автомат-клубовите, откри дека во централното градско подрачје има речиси 60 вакви објекти – повеќе од сите детски и спортски игралишта заедно. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека еден од четворица ученици (25 %) се коцкал за пари во последната година, при што коцкањето со физичко присуство (21 %) е почесто од онлајн коцкањето (15 %). Проблематичното коцкање, пак, се зголемува – од 4,5 во 2019 на 7,6 % во 2024 година, со повисока застапеност кај момчињата (9,3 %) отколку кај девојчињата (4,1 %).

За сериозноста на проблемот веќе една деценија зборува Џемал Абдиу од движењето „Антикоцкање“, кој со години работи во Воспитно-поправниот дом во Тетово и има директно искуство со младите. Предупредува дека концентрацијата на објекти за игри на среќа директно влијае на семејствата.

– Зачудувачки е дека децата земаат пари од родителите за да се коцкаат во обложувалници, додека самите родители, многу од нив кредитно неспособни, влегуваат во продавниците за пари, лихварниците, без никакво покритие, за да ја пробаат својата среќа. Од моментот кога ќе влезат во овие објекти, надежта за решавање на финансиските проблеми се губи; многу семејства ги губат своите домови, а со тоа настапува долг морален мрак. Продавниците за пари обично се лоцирани во близина на казина и обложувалници, формирајќи бермудски триаголник, кој ги собира сите ризици: лесно потрошените позајмени пари, игрите на среќа и седативите за смирување. Ако навистина ги сметаме туѓите деца како наши, првиот чекор е дислокација на ваквите објекти од пред образовните институции и градинките. Коцкањето е национален проблем, зло што уништува цели семејства и може да придонесе за зголемување на криминалот – вели Абдиу во разговор со весникот ВЕЧЕР.

 Владата го повлече предлог-законот за игри на среќа

Во меѓувреме, додека никнуваат објекти за игра на среќа на секој чекор, Владата, на 11. овој месец, испратила допис до Собранието дека го повлекува предлог-законот за игри на среќа со кој се предвидени построги услови за нивно отворање, меѓу кои и минимум 500 метри оддалеченост од училиште. Отворањето нов објект, според измените, треба да стане многу поскапо, а се укинува и можноста со една лиценца да се отворат неограничен број. Со тоа, измените треба директно да го ограничат ширењето на местата за коцкање.

ВЕЧЕР испрати порака до портпаролката на Владата, Марија Митева, од кои причини е повлечен предлог-законот од собраниска постапка, но до затворањето на весникот не добивме одговор. Овластен предлагач е Министерството за финансии, законот е поднесен во 2025 година и бил во фаза на второ читање во Собранието. Неговата примена, според најавите, треба да се случи следната година. По веста дека се повлекува предлог-законот за игри на среќа, предложен до Комисијата за финансирање и буџет, од движењето „Антикоцкање“ препорачуваат Владата да ја преиспита одлуката.

– Едно треба да се знае, дека државата ќе опстои без коцкање и без нечии валкани милиони. Потсетуваме дека парцијалните решенија се покажаа како неефикасни и контрапродуктивни и не го решаваат проблемот со коцкањето, затоа се бара труд и дејствување, ваквата состојба не може да трае вечно. Станавме Лас Вегас на Балканот, како може оние што издаваат лиценци, односно дозволи за работа, и да креираат закони, да собираат приходи и истовремено да вршат и надзор врз работата на објектите за игри на среќа – вели Абдиу и најави дека бараат состанок со надлежните.

Коцкарската индустрија низ бројки: 1.500 објекти, илјадници семејства на ризик

Иако државата ретко објавува чист број, сепак, поред податоците достапни на Интернет, во државава има околу 1.500-1.700 физички објекти за игра на среќа, 10-15 казина, околу 500 автомат-клубови, од 1.000 до 1.200 обложувалници. Во земјава, исти групации стојат зад повеќе брендови и реално на прсти се бројат најголемите „играчи“, кои практично го држат пазарот. Новиот закон треба да ги спречи неконтролираното ширење објекти, високата концентрација во урбаните средини и моделот „казино на секој агол“. Лани летото, тогашниот вицепремиер Изет Меџити го нарече предлог-законот клучен чекор во заштитата на младите и на граѓаните од штетното влијание на коцкањето.

– Ќе ја исчистиме околината на училиштата од влијанието на оваа деструктивна индустрија. Учениците повеќе нема да бидат изложени на коцкарска култура – младите ќе бидат заштитени, како што заслужуваат. Му стававме крај на времето кога беше поважен профитот од коцкање од благосостојбата на граѓаните. Ова е закон во интерес на обичниот човек – на ученикот, на родителот, на семејството – изјави тогаш Меџити.

Според меѓународни истражувања, меѓу 0,5 и 3 проценти од населението има проблематично коцкање, додека уште неколку проценти се во ризик. Анализите покажуваат дека токму оваа мала група играчи генерира значителен дел од приходите во индустријата, особено кај автомат-клубовите. Дополнително, научните студии укажуваат дека близината до објектите за игри на среќа го зголемува ризикот од зависност за повеќе од 50 проценти, што е еден од аргументите за воведување построги законски ограничувања.

Освен тоа, токму зоната околу казината и обложувалниците се смета за едно од најнебезбедните места во градот за жените, потврдува  истражувањето на „Реактор“ за безбедноста на жените и девојките во јавниот простор. Во мета-анализа на 107 објавени студии, околу 31,6  % од лицата со проблематично коцкање имале барем еднаш самоубиствени мисли во текот на животот, 13,2  % имале обид за самоубиство.

Поранешна вработена во едно од казината со апарати вели за нашата Редакција дека им е гарантирана дискреција на играчите.

– Играат сите, и семејни, и жени, и млади. Гледаш како ги губат семејната пензија, дневниот промет, џепарлакот. Ќе добијат еднаш и мислат дека ќе ги послужи среќата и следениот пат, но не е така – вели нашата соговорничка.

Во обложувалниците и коцкарниците во земјава граѓаните изминатите две години  оставиле  над 800 милиони евра. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ