понеделник, септември 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Отворено писмо на епископот Јаков до министерката Јаневска:  Повлечете ја наставната програма...

Отворено писмо на епископот Јаков до министерката Јаневска:  Повлечете ја наставната програма по сексуално образование

0

Повик од министерката за образование Весна Јаневска да ја повлече наставната програма по сексуално образование упати викарниот епископ стобиски на МПЦ-ОА Јаков. Во отворено писмо тој ја критикува новата наставна програма по сексуално образование за средните училишта и начинот на кој во неа се третираат темите за родот, родовиот идентитет и сексуалните и репродуктивните права. Овој црковен достоинственик укажува дека дека со наставната програма на учениците им се наметнуваат однапред определени вредносни ставови. Истовремено, тој укажува дека министерката Јаневска имала различни ставови додека била во опозиција и сега како министерка за образование.

Во писмото епископот Јаков нагласува дека министерката Јаневска од една страна повикува на раѓање на повеќе деца, а од друга страна потпишува образовни политики кои го релативизираат полот, семејството го сведуваат на една од многуте менливи форми, а од малолетниот ученик бараат да „прифати“ однапред подготвени идеолошки заклучоци.

-Не можам да го премолчам лицемерието, а бидејќи јавно сум говорел афирмативно за Вашиот политички светоглед на самиот почеток од Вашиот мандат, имам морална обврска јавно да прозборам и сега. На една трибина Ве бранев од оркестрираниот напад на родовите активисти затоа што од Законот за основно и средно образование тогаш беа избришани отровните поими „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“. Тогаш реков дека министерката Јаневска „направи добра проценка“. Исто така, реков дека министерката „и тоа како, знае што прави“. Гледано од денешна перспектива Вие уште тогаш сте правеле политички компромис со она што повеќепати јавно го осудувавте започнувајќи соработка со најрадикалните родови организации чијшто препознатлив потпис го гледаме во  текстот на наставната програма, спротивно на сите предизборни ветувања кои во светлото на содржината на наставната програма не се ништо друго туку една лукративна политичка манипулација. Пред народот и медиумите зборував дека конечно во ресорот образование имаме министерка која знае што прави и ги штити традиционалните, општо прифатени човечки вредности. Дозволете ми сега јавно да си ги повлечам лекомислено изговорените зборови – наведе во писмото епископот Јаков.

Тој ја потсети министерката како своевремено во 2023 година ја напаѓала концепцијата на тогашната министерка Мила Царовска како опасна и барала нејзино итно суспендирање.

-И тогаш, објаснувајќи какво катастрофално решение им се спрема на нашите деца, кажавте нешто што практично го потврдува Вашето лицемерие. Вие се пожаливте дека наставниците ќе бидат принудени да предаваат бесмислени изборни предмети, набројувајќи ја меѓу нив и „родовата еднаквост“ рамо до рамо со останатите „глупости“ со кои им се трујат главите на децата! „Родова еднаквост“, министерке! Со сопствената уста, во сопствениот список, ја прогласивте за катастрофа и идеолошки отров! Поминаа три години од таа Ваша „претстава“ за сега, на 1 септември 2026 година, Вашето Биро да објави наставна програма во која ПРВАТА тема, пред физичкото здравје, пред науката, пред заштитата од педофилија и злоупотреба се вика „Род и родова рамноправност“. Програма која е посветена на родот, родовиот идентитет, родовото изразување, родовите норми и родовите улоги. Она што го напаѓавте во опозиција, министерке, сега го потпишувате како власт! – наведе овој достоинственик.

Тој детало наведува и формулации со кои министерката отстапила од своите претходни ставови:

-Ученикот треба да: „Смета дека традиционалната поделба на улоги меѓу жените и мажите не е секогаш правична“; понатаму да: „Поддржува еднаков третман на луѓето без оглед на нивниот сексуален или родов идентитет“; и, конечно, да: „Прифаќа дека сексуалните и репродуктивните права се дел од човековите права“. Прифаќа. Значи, Не проучува. Не споредува. Не ги разгледува различните правни и етички толкувања. Не аргументира. Не смее да дојде до сопствен заклучок. Исходот не запира на проучување, споредување и аргументирање; однапред пропишува став – ’прифаќа‘ – нагласува епископот Јаков.

За него е посебно неприфатлив став поред кој учениците треба да прифатат дека  прекинувањето на човечки живот е „базично човеково право“!

-Вие ќе ги терате нашите деца да прифатат идеологија во која нероденото бебе се третира како отпад, како процедура на празнење на некоја апстрактна „содржина“ и впрочем тоа од учениците да се велича како своевидна прогресивна вредност, додека од друга страна ни зборувате за братчиња и сестричиња?! Па како не Ви е срам?! Ако лажеме, излезете уште денес пред камерите и демантирајте! Излезете и кажете со полна материјална и морална одговорност: „Во оваа програма и во овој прирачник, под репродуктивни права не влегува абортусот… Министерке Јаневска, не се раѓаат деца со говори на први септември. Децата се раѓаат во општество што ги почитува мајчинството и татковството, што ги поддржува семејствата, што не ја сведува плодноста на технички „репродуктивен избор“, а зачнатиот живот не го третира како пречка за остварување на нечија друга зацртана автономија. Колку за потсетување министерке: Ова е истиот оној отров против кој десетици илјади граѓани излегоа на протести во 2023 година со Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и речиси сите Епископи на МПЦ но и останатите верски заедници во Македонија. Ова е истото идеолошко ѓубре против кое протестиравме тогаш. Ова е истата идеолошка рамка против која тогаш, рамо до рамо со нас пред Соборниот храм, протестираа луѓе кои денес се министри, пратеници, директори на институции и седат во Вашата партија и во Вашата влада. Министерке Јаневска повлечете ја оваа програма за идеолошка индоктринација на нашата младина, нашата иднина за опстанок како на Црквата, така и на државата. Подобро е човек јавно да признае дека погрешил во проценката, отколку да си ја убие совеста – потенцира епископот Јаков. (Б.Ѓ.)

Фото: Тивериопол.мк

ИЗДВОЕНИ