Дваесет и шестгодишен скопјанец е убиен во пукотница што се случила доцна синоќа во скопската населба Дуќанџик, информира Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации од МВР, инцидентот бил пријавен на 6 септември околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.
Во моментот на нападот, пред излог на фирма стоеле петмина скопјани – Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26).
Тогаш пред нив застанал мотоцикл со две лица. Напаѓачите од мотоциклот почнале да пукаат со огнено оружје кон групата, по што побегнале од местото.
Еден од испуканите куршуми го погодил А.М. (26). Тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што, и покрај укажаната медицинска помош, починал.
Од МВР засега не откриваат дали осомничените напаѓачи се идентификувани, ниту пак се познати мотивите за нападот.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.












