Товарните бродови почнаа да му плаќаат на Иран огромни суми пари за безбедно да помине низ Ормутскиот теснец. Долги редици танкери се формираат пред влезот на оваа клучна поморска рута, објавува Блумберг, повикувајќи се на информирани извори.
Снимките од воздух покажуваат голем број бродови кои чекаат дозвола за поминување, што дополнително ги потврдува сериозните прекини во глобалното снабдување со енергија.
Според изворите, надоместоците за премин во моментов се плаќаат неформално и поединечно, а Иран бара до два милиони долари за еден транзит.
Оваа практика претставува огромен финансиски товар за превозните компании, но исто така дополнително ги зголемува трошоците за транспорт на нафта и гас, што директно се прелева на глобалниот енергетски пазар.
Техеран наводно веќе ја разгледува можноста за формализирање на овие надоместоци и нивно воведување како официјална политика во рамките на повоеното решавање на регионот.
Таквиот потег би можел трајно да ги промени правилата за навигација низ еден од најважните енергетски коридори во светот, низ кој минува значаен дел од глобалната трговија со нафта.
Експертите предупредуваат дека институционализацијата на ваквите такси дополнително би ги зголемила трошоците за транспорт и би можела да предизвика нов бран на зголемување на цените на енергијата низ целиот свет.












