Кинеската женска кошаркарска репрезентација доживеа неверојатен удар непосредно пред почетокот на Светското првенство во Берлин. Една од најважните кошаркарки, Ли Јуеру, нема да може да настапи на турнирот, но причината е нешто што ретко се гледа во професионалниот спорт. Не станува збор за повреда, суспензија или за конфликт со федерацијата. Проблемот е – загубен пасош!
Документот на 27-годишната кошаркарка се загубил по пошта и не бил пронајден навреме, поради што таа не можела да ги напушти САД и да отпатува во Германија.
Ли Јуеру, која е висока 201 сантиметар и настапува за Далас вингс, откри дека била исклучително возбудена што повторно ќе го облече дресот на кинеската репрезентација.
- Бев неверојатно возбудена и со нетрпение очекував повторно да му се приклучам на националниот тим. За жал, мојот пасош се загуби по пошта и сè уште не е пронајден – напиша таа.
Откри дека биле направени сите можни обиди за да се најде решение, но без успех.
- Работевме заедно и се обидовме да ги најдеме сите можни начини да го решиме проблемот, но, можеби, овој пат едноставно немавме среќа – додаде таа.
На крајот, најлошото сценарио се оствари: пасошот не беше пронајден навреме.
Ова е огромен удар за Кина, бидејќи Ли Јуеру беше една од клучните кошаркарки на репрезентацијата во последните години.
На Олимписките игри во Париз во 2024 година, таа беше најдобрата кошаркарка на Кина, со просек од 17,7 поени и 11 скока на натпревар. Имаше важна улога и на Светското првенство во 2022 година, кога стигна Кина до големото финале и го освои сребрениот медал.
Иако во Далас оваа сезона нема голема минутажа и просечно постигнува 3,3 поени и 2,6 скока, нејзиното значење за националниот тим е огромно.
- Пасошот сè уште не е пронајден. Понекогаш разочарувањето е едноставно дел од животот. Тажна сум што овој пат нема да бидам таму – порача таа.
И покрај разочарувањето, таа испрати поддршка до своите колешки и до навивачите.
Кина го почнува првенството со исклучително тежок натпревар против САД, а во групата се и Чешка и Италија.
Кинезите и понатаму имаат сериозна висина под кошот, но отсуството на една од најискусните играчки дополнително ќе им ја отежни задачата. Така, една од најголемите ѕвезди на Кина ќе го пропушти Светското првенство поради неверојатна причина. Не поради повреда, не поради суспензија, туку поради пасош што едноставно исчезнал во пошта.











