Извршниот директор на Ферари, Фредерик Васер, изјави дека премногу се зборува за промена на постапката за стартување на трките во Формула 1.
Оваа сезона беа воведени најобемните технички прописи во Формула 1, со промени во моторите, шасијата, гумите и одржливите горива. Ова влијаеше и на промената во постапката за стартување, што најмногу им одговараше на возачите на Ферари, па Шарл Леклер го презеде водството на самиот почеток од првата трка во сезоната, Големата награда на Австралија во Мелбурн, на 8 март, а неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, го стори истото минатата недела, на трката во Кина.
Новите погонски единици, кои повеќе се потпираат на електричната енергија од своите претходници, го направија управувањето со енергијата најважен елемент за постигнување перформанси. Постои ограничување за тоа колку енергија може да акумулира болидот во текот на кругот за загревање, а некои тимови погрешно проценија и како резултат на тоа имаа помалку енергија во батеријата на почетокот од трката отколку што очекуваа.
Затоа беше воведена постапката за пет секунди пред стартот, а поради резултатите на стартот, возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, рече дека повторно треба да се промени постапката за старт и посочи дека Ферари е „себичен“ што ја блокира новата промена.
Васер рече дека неговиот тим веќе направил многу компромиси за ова прашање.
- Веќе значително го променивме правилото за старт со приказната за пет секунди. Пред една година, отидов во ФИА. Ја кренав раката за постапката за старт и реков: „Момци, ќе биде тешко“. Одговорот беше јасен, дека мора да дизајнираме болид што одговара на прописите, а не да ги менуваме прописите за да одговараат на болидот. Дизајниравме болид што одговара на прописите, промената од пет секунди, приказната за сино светло воопшто не ни помогна, но мислам дека беше доволно во одреден момент – истакна Васер.
На прашањето дали е затворен случајот сега, тој одговори: „За мене, да“.
Сезоната во Формула 1 продолжува со третата трка од шампионатот, Големата награда на Јапонија, на 29 март.











