Репрезентацијата на Иран сè уште не знае за пораз на Светското првенство, а еден од најзаслужните за тоа е голманот Алиреза Беиранванд. Во ремито без голови против Белгија, искусниот чувар на мрежата блескаше со неколку спектакуларни интервенции и заслужено беше прогласен за играч на натпреварот.
Но, зад неговите денешни успеси се крие една од најневеројатните животни приказни во светскиот фудбал. Роден во сиромашно номадско курдско семејство, тој уште од дете чувал овци и работел за да му помогне на семејството. Неговата страст кон фудбалот била толку голема што на крајот избегал од дома и сам заминал во Техеран во потрага по подобар живот и шанса да стане професионален фудбалер. Првите години биле исклучително тешки. Спиел пред центрите на фудбалските клубови, во фабрики и на улица, работел во фабрика за облека, сервис за миење автомобили, пицерија и како чистач на улици. Во еден период немал ниту пари за храна, а минувачите му фрлале ситни пари мислејќи дека е просјак.
Сепак, никогаш не се откажал од својот сон. Неговата упорност, конечно, била наградена кога добил шанса во младинскиот тим на Нафт Техеран, а потоа и повик во младата репрезентација на Иран. Оттогаш неговата кариера е во нагорна линија.
Денес Беиранванд има десетици настапи за националниот тим, бранеше и во Европа, а настапи и на неколку светски првенства и азиски купови. Неговата приказна останува доказ дека со доволно труд и верба, дури и најголемите препреки може да бидат надминати.
На Светското првенство повторно покажа зошто го нарекуваат Персискиот Ѕид, а неговите одбрани против Белгија беа клучни Иран да остане непоразен и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза.











