четврток, август 6, 2026
Дома КУЛТУРА Објавена „Да ви кажам право“ – збирка раскази од Огнена Никуљски

Објавена „Да ви кажам право“ – збирка раскази од Огнена Никуљски

1

„Да ви кажам право“ e збирката раскази од Огнена Никуљски која излезе од печат во издание на „Или-Или“.

-Книгата на Огнена Никуљскио уште со насловот го најавува својот силен адут: непосредноста. Овие избрани раскази се раскажани со исповедна отвореност, како доверлив разговор во кој животот не се разубавува, но ниту се претвора во повод за самосожалување. Авторката зборува за љубовта и разочарувањата, за семејството, насилството, осаменоста, спомените, стареењето и малите секојдневни радости со храброст да го именува и она што најчесто се премолчува. Особена вредност на книгата е отвореното и ретко книжевно согледување на жената во подоцното доба од животот. Таа овде не е сведена на возраст, загуба или повлекување, туку е прикажана како жена со тело што се менува, со желби, стравови, сеќавања, лутина, самоиронија и потреба повторно да се пронајде себеси. Во нејзиниот поглед кон сопствениот живот има и болка и помиреност, но и тврдоглава волја да не ѝ се предаде на празнината, посочува издавачот.

Додаваат дека стилот на Никуљски е жив, јасен и природен, со богатство од говорни нијанси и прецизно забележани детали. Хуморот, понекогаш благ, понекогаш остар и црн, не ги потиснува тешките теми, туку им дава човечка мерка. Од автобусите и комшиските муабети до најинтимните пресметки со минатото, „Да ви кажам право“ создава препознатлив свет во кој трагичното и смешното постојано се допираат. Тоа е искрена, топла и стилски уверлива проза за преживеаното, прифатеното и за слободата човек најпосле да живее во согласност со себеси.

Огнена Никуљски, професор по шпански во пензија, книжевен преведувач, автор, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Родена е во Скопје, 1951 година. По романот „И ѕирка и проѕирка“, финалист за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, збирката раскази „Да ви кажам право“ е нејзина втора објавена книга.

ИЗДВОЕНИ