Општина Центар, во соработка со Црвениот крст и Здружението „Хера“, спроведува теренски активности за грижа и поддршка на граѓаните во услови на екстремно високи температури во градот.
Денеска и утре ќе има инфо-штандови кај Зелениот пазар и на пазарот Буњаковец.
Во соработка со „Хера“, денеска од 8:30 до 11:00 часот, кај Зелениот пазар, се вршеше бесплатно мерење на крвниот притисок.
Инфо-штанд ќе биде поставен утре и пред маркетот „Тинекс“ на пазарот Буњаковец, во истиот термин, при што граѓаните ќе може да добијат здравствена проверка и совети за заштита од високите температури.
– Општина Центар е на терен со конкретни мерки, делиме вода, поставуваме инфо-штандови и овозможуваме бесплатна здравствена проверка. Ги повикуваме сите граѓани да ги почитуваат препораките и да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од Општина Центар потенцираат дека будно ги следат препораките на здравствените институции и дека ќе продолжат да делуваат во согласност со нив, со цел заштита и поддршка на граѓаните во текот на топлотниот бран.












