Костов ја создава „Златна Скополија“ како совршено отелотворување на суровоста, префинетоста и уникатниот дух на Скопје. Наградата ја изработи Димитар Филиповски
Нововостановената награда за исклучителен придонес кон светската кинематографија – „Златна Скополија“ на Скопскиот филмски фестивал ќе ја добие режисерското дуо од Полска Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, со чиј филм „Идиот(и)“ на 4 ноември во МНТ ќе се отвори годинашното 26. фестивалско издание.
Како што посочуваат од СФФ, инспирацијата за името на наградата доаѓа од необичен, таинствен цвет што расте во сеновитите шуми на планинските предели околу Скопје насловен „Scopolia carniolica“.
-Иако етимолошки независни, фонетската и звучна асоцијација меѓу цветот и градот отвора простор за нова уметничка интерпретација. Скопје е град на контрасти, на убавина и суровост, на постојано исчезнување и повторно раѓање. Како и самиот цвет, така и градот во себе носи двојственост. „Златна Скополија“ прераснува во автентичен симбол кој ги поврзува историската меморија, идентитетот на градот и универзалниот јазик на филмската уметност, истакнуваат од фестивалот.
Автор на наградата е истакнатиот скопски сликар и скулптор Владо Костов (роден во 1967 година), познат по автентичниот израз, отелотворен во суптилни конструкции од отпаден материјал. Зад себе има богата уметничка кариера, од раните ангажмани во познатото англиско студио „Hollywood Road Film Production“, па сѐ до препознатливите конструкции од отпаден материјал и мултимедијалниот проект „Почит кон Чарли Паркер“. Костов ја создава „Златна Скополија“ како совршено отелотворување на суровоста, префинетоста и уникатниот дух на Скопје. Наградата ја изработи Димитар Филиповски.
-Оддавајќи му признание на реткото и извонредно уметничко партнерство меѓу Шумовска и Енглерт, оваа награда ја става на пиедестал нивната заедничка повеќедецениска креативна визија. Нивната соработка претставува совршен пример за тоа како спојувањето на два автохтони уметнички сензибилитети, нејзината смела режисерска нарација и неговиот софистициран визуелен јазик, создава единствен, силен и препознатлив филмски глас во европската и светската кинематографија. Преку нивните заеднички соработки, како „Never Gonna Snow Again“ и најновото филмско остварување „The Idiot(s)“, Шумовска и Енглерт ги поместуваат границите на традиционалното филмско режирање и раскажување, истражувајќи ги длабоките човечки емоции, социјалните контрасти и суптилното преплетување меѓу реалноста и мистиката, истакнуваат од Скопскиот филмски фестивал.












