Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во текот на октомври подигнале и транспортирале околу 14.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и од правните субјекти на територијата на главниот град. Според податоците на претпријатието, во тој период биле отстранети и 950 кубни метри непрописно фрлен кабаст и градежен отпад од јавни и од сообраќајни површини. Најголемо количество отпад од диви депонии, односно 200 кубни метри, било подигнато на територијата на Општина Чаир.

Во рамките на контролите на јавната чистота, екопатролата во октомври врачила 83 едукативно-информативни записници на физички лица и на претставници на стопански субјекти затечени при прекршување на Законот за јавна чистота. Од нив, дури 47 записници биле врачени во Општина Чаир.

Покрај собирањето и транспортирањето на отпадот, екипите на претпријатието секојдневно спроведуваат активности за одржување на хигиената на скопските булевари, улици, плоштади, пешачки мостови и тротоари. Со рачно и со машинско метење и со миење се одржуваат и мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и просторот на Старата скопска чаршија.

Во октомври, во активностите за подигање на еколошката свест учествувале и вработените во администрацијата на претпријатието, приклучувајќи ѝ се на масовната еколошка акција „Не оставај ѓубре, остави пример“, организирана од Град Скопје.

 

 

ИЗДВОЕНИ