– При изведување градежни и инфраструктурни зафати, без соодветна проверка и почитување на постојната подземна инфраструктура, често доаѓа до оштетување на водоводната мрежа – образложуваат од ЈКП „Шар“.
Додаваат дека не можат да влијаат на начинот на кој трети лица ги изведуваат своите градежни активности, но мора и ќе продолжат да ги санираат последиците што тие ги предизвикуваат
ЈКП „Шар“ од Тетово упатува искрено извинување до сите граѓани кои во изминатиот период се соочиле со прекини и отежнато водоснабдување.
Оттаму појаснуваат дека значителен дел од дефектите со кои се соочуваат не настануваат поради работата или одржувањето на ЈКП „Шар“, туку како последица на несовесно и несоодветно изведување на градежни работи од страна на приватни компании, изведувачи и физички лица.
– При изведување градежни и инфраструктурни зафати, без соодветна проверка и почитување на постојната подземна инфраструктура, често доаѓа до оштетување на водоводната мрежа. Последиците ги чувствуваат граѓаните преку дефекти, прекини и намален притисок во водоснабдувањето. ЈКП „Шар“ не може да влијае на начинот на кој трети лица ги изведуваат своите градежни активности, но мора и ќе продолжи да ги санира последиците што тие ги предизвикуваат – нагласуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека нивните екипи секојдневно се на терен и интервенираат во услови кога дефектите се појавуваат еден по друг.
– Приоритет е што побрзо отстранување на дефектот и повторно воспоставување на стабилно водоснабдување, без разлика кој е причинителот – одлучни се од ЈКП „Шар“.
Од претпријатието апелираат до сите компании, изведувачи и физички лица кои реализираат градежни работи да постапуваат со најголема одговорност и претпазливост, да ја почитуваат постојната инфраструктура и навремено да се координираат со надлежните служби.
Притоа им се заблагодаруваат на граѓаните за трпението, разбирањето и за довербата.
– Свесни сме дека секој прекин во водоснабдувањето создава проблем во секојдневното функционирање и токму затоа нашите екипи остануваат максимално ангажирани до целосно нормализирање на состојбата. Водата е заедничко добро. Мрежата е заедничка инфраструктура. Нејзината заштита е заедничка одговорност – заклучија од ЈКП „Шар“.












