
Новите увозни царини што ги воведе администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за 60 трговски партнери се најдоа на удар на судска постапка откако 25 американски сојузни држави поднесоа тужба пред Федералниот суд за меѓународна трговија во Њујорк.
Тужителите, претежно држави предводени од демократите, сметаат дека Белата куќа незаконски вовела нови, сеопфатни царини, повикувајќи се на борбата против присилната работа во глобалните синџири на снабдување.
Главниот обвинител на Орегон, Ден Рејфилд, предупреди дека новите мерки ќе ги погодат американските семејства преку повисоки цени на производите, вклучително и облеката, електронските уреди и другите стоки за секојдневна употреба.
Администрацијата на Трамп ги воведе царините од 10 и 12,5 проценти за увоз од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија. Мерките стапија во сила на 24 јули, но не ги опфаќаат производите што веќе подлежат на посебни царински режими, како што се челикот и алуминиумот.
Според американските власти, новите царини претставуваат привремено решение по судските одлуки со кои беа поништени претходните глобални царински мерки на Трамп. Врховниот суд на САД претходно пресуди дека голем дел од тие царини биле донесени без соодветна законска основа, оценувајќи дека претседателот ги пречекорил своите овластувања.
Доколку Федералниот суд ја прифати тужбата и ги поништи новите мерки, тоа би значело уште еден сериозен неуспех на трговската политика на Трамп, која е една од главните економски стратегии во неговиот втор претседателски мандат.











