вторник, август 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Индустријата во еврозоната со забрзан раст

Индустријата во еврозоната со забрзан раст

0
epa12616785 People ride the subway next to a euro adoption poster in Sofia, Bulgaria, 29 December 2025. Bulgaria is set to become the 21st member of the eurozone on 01 January 2026, transitioning from the national lev to the euro amid public concerns that the move could trigger immediate price hikes and a higher cost of living. EPA/BORISLAV TROSHEV

Активноста во преработувачката индустрија во еврозоната продолжи да расте во јули, а производството достигна највисоко ниво во речиси четири и пол години. Сепак, побарувачката останува слаба, што ја доведува во прашање одржливоста на закрепнувањето, покажува денеска објавениот извештај на агенцијата „Ес-ен-пи глоубал“.

Вредноста на индексот на менаџери за набавка (PMI) за преработувачката индустрија во еврозоната, кој го објавува „Ес-ен-пи глоубал“, се зголеми од 51,4 поени во јуни на 51,9 поени во јули, што е највисоко ниво од април 2022 година. Воедно, индексот на производството порасна од 51,7 на 52,9 поени, достигнувајќи го највисокото ниво од март 2022 година.

Вредностите над 50 поени укажуваат на експанзија, односно раст на економската активност, додека вредностите под 50 поени означуваат контракција, односно намалување на економската активност.

Сепак, фабриките, главно, ја остварија зголемената активност благодарение на заостанатите нарачки од претходните месеци, додека извозната побарувачка повторно ослабе, особено во Франција, Шпанија, Италија и во Австрија. Поради неизвесните изгледи за наредните месеци, компаниите продолжија да го намалуваат бројот на вработени.

Истовремено, растот на цените на суровините забави и достигна најниско ниво во последните пет месеци, додека производствените цени растеа со најбавно темпо од март.

Главниот економист на агенцијата „Ес-ен-пи глоубал“, Крис Вилијамсон, оцени дека европските фабрики во моментов минуваат низ своевиден „летен замав“, но предупреди дека тој би можел да ослабе уште наесен доколку не дојде до закрепнување на новите нарачки.

ИЗДВОЕНИ