Цената на суровата нафта од типот Брент во понеделник падна за околу седум проценти, на приближно 104 долари за барел, поради очекувањата дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел да се реши преку дипломатски канали.
Американската сурова нафта (WTI) исто така падна за повеќе од седум проценти, на околу 94 долари за барел, според „Трејдинг економикс“.
Иранската државна новинска агенција ИРНА објави дека Врховниот лидер на Иран ја овластил владата да продолжи со разговорите насочени кон прекин на повеќемесечниот конфликт што ги прекина испораките на енергија од Блискиот Исток.
Ова следи по извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, сака да даде повеќе време за дипломатија пред да размисли за потенцијално продолжување на воените дејствија.
Според овие извештаи, Трамп му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека се залага за преговори.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, повтори дека Трамп поддржува мирно решение, додека иранските претставници посочија дека договорот е можен по дводневните разговори со посредство на Катар.
Сепак, иранската страна нагласи дека секој потенцијален договор мора да се спроведе во пракса – што значи дека преземените обврски навистина мора да се исполнат – објавува „Танјуг“.
Падот на цените на нафтата следеше по период на зголемена загриженост во врска со потенцијални прекини во снабдувањето со енергија, предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.












