понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВИОТ УСЛОВ ГО ПОМИНА ПРВИОТ СОБРАНИСКИ ФИЛТЕР: Еден пратеник, едно државјанство –...

НОВИОТ УСЛОВ ГО ПОМИНА ПРВИОТ СОБРАНИСКИ ФИЛТЕР: Еден пратеник, едно државјанство – кој ќе остане без функција?

– Ова ќе влезе на сила откако ќе биде изгласано, а ќе важи и за овој пратенички состав. Со тоа, оние пратеници што имаат две државјанства нема да можат да бидат пратеници – објасни предлагачот, Антонијо Милошоски. Од СДСМ најавија поддршка за предлогот, но ќе предложат условот да важи и за другите државни функционери

1982

Зелено светло да биде ставен на дневен ред на собраниска седница за да може да се изјаснат пратениците за него денеска доби предлогот со кој македонските пратеници можат да имаат само едно – македонско државјанство. Поддршката за промена во Законот за пратеници беше дадена со 77 гласа „за“ и 8 против. Предлогот, кој е доставен по скратена постапка од група пратеници на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, предвидува дополнување на членот 2 со нова одредба, покрај другите постојни услови, како полнолетство, деловна способност и неосудуваност.

Пратеникот Антонијо Милошоски изјави дека целта е да се уредат условите за избор на пратеници и да се прецизираат критериумите за вршење на функцијата.

– Овој предлог на законот еднаш веќе бил предложен во 2021 година, но тогашната Влада на СДСМ и ДУИ не го поддржала. Со предлогот се утврдуваат повисоки и построги критериуми за станување пратеник. При ова, клучно е што секој ќе мора да има само македонско државјанство. Ова ќе влезе во сила откако ќе биде изгласано, а ќе важи и за овој пратенички состав. Со тоа, оние пратеници што имаат две државјанства нема да можат да бидат пратеници. Со ова ќе се зголеми лојалноста и кон државата. Тоа ќе биде мотив и повод вака да постапат и другите институции во однос на условите за функционерите – изјави Милошоски од собраниската говорница.

Во однос на шпекулациите што се шират во однос на тоа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат двојно државјанство, тој ги повика лицата што ги шират да не се штитат со пратеничкиот имунитет.

– Ги повикуваме оние што ги шират таквите шпекулации да излезат надвор од собраниската говорница и потоа да се соочат со судската постапка за лажење и клевети – потенцира Милошоски.

Пратениците од владејачката партија ја предложија промената откако неодамна опозицискиот СДСМ ја прозва со прашањето: „Како гласаа функционерите на ВМРО-ОКГ на изборите во Бугарија?“ Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, вчера најави дека тие ќе го поддржат предлогот пратениците да имаат само македонско државјанство.

– Ќе го поддржиме предлогот, кој е чист популизам и е тотално неприменлив во реалноста. Не може да се обезбеди доказ дека некој има две државјанства. Ние ќе предложиме забраната за двојно државјанство да важи и за другите функционери, како и за актуелниот состав на Собранието – рече Спасовски, кој потсети дека нашиот Устав дозволува граѓаните да имаат двојно државјанство.

И пратеникот Скендер Реџепи од опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ, рече дека тој е против ваквата законска промена.

– Ова е непочитување на Уставот, кој им дозволува на граѓаните да имаат две државјанства. Со тоа, ова ќе биде противуставен закон. Ова е и спротивно на практиката на земјите на Европската Унија, каде што е дозволено пратениците да имаат две државјанства. Оваа точка треба да се симне од дневен ред – нагласи Реџепи.

Барање вчера дојде и од редовите на опозициската ЛДП, од каде што побараа, покрај пратениците, условот за едно државјанство да важи и за сите избрани и именувани функционери.

– Едно правило да важи за сите. Доста е од дволичност и од двојни стандарди. Критериумите и законите треба да важат за сите веднаш и без одлагање. Двојно државјанство не треба да имаат пратениците, министрите, директорите, јавните обвинители и судиите и тоа да важи за сегашните, ама да важи и за идните и тоа без одлагање – изјави членот на ИО на ЛДП, Александар Цветкоски.

Тој рече дека предлагачите на законот треба да побараат од сите актуелни носители на функции да ги достават на увид своите досиеја и сите што имаат двојно државјанство – да поднесат оставка.

– ЛДП ќе поднесе законско решение со кое сите избрани и именувани лица, под морална и кривична одговорност, ќе треба да потврдат дека немаат друго државјанство – потенцира тој.

Идентична измена на Законот за пратеници ВМРО-ДПМНЕ предложи и во март 2021 година, кога беше во опозиција. Тогашниот предлог беше поднесен по објавата на поранешниот бугарски вицепремиер, Красимир Каракачанов, кој тврдеше дека македонски политичари од оваа партија имаат бугарски пасоши. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги демантираше овие тврдења и соопшти дека нејзините членови немаат бугарско државјанство.

Уставните експерти тогаш излегуваа со различни ставови, при што едни предупредуваа дека обврската за само едно државјанство би била спротивна на Уставот, а други дека би можело да се предвиди како услов за важни и одговорни функции во земјава. Инаку, во земјите на Европската Унија, само во Бугарија и во Литванија постои забрана за кандидирање на лицата што имаат две државјанства за пратеници. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ