| Проширувањето на ЕУ е клучно за мирот, стабилноста и за просперитетот во Европа, а Македонија и земјите од Западен Балкан се делот што недостига за комплетирање на европскиот мозаик, порача австрискиот канцелар, Кристијан Штокер, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Виена. Штокер нагласи дека регионот не смее да го пропушти актуелниот геополитички момент, особено во услови на зголемени глобални тензии и истакна дека членството во ЕУ бара исполнување на обврските и почитување на истите правила за сите кандидати, без исклучоци. Премиерот Мицкоски го повтори познатиот став на Владата за гаранции дека нема да има дополнителни барања и за почитување на правата на македонската заедница во Бугарија |
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер порачува регионот да не го пропушти геполитичкиот момент
Македонија и регионот на Западен Балкан се наоѓаат во клучен геополитички момент што не смее да се пропушти. Проширувањето на Европската Унија останува најсилниот инструмент за обезбедување мир, стабилност и просперитет на континентот, а земјите од регионот се деловите што недостигаат за комплетирање на европскиот мозаик, порача австрискиот канцелар Кристијан Штокер, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Виена. Тој посочи и дека патот кон ЕУ е вистинскиот пат, што води кон трајна стабилност и просперитет, а дотогаш, смета дека концептот за постепена интеграција е добар инструмент. Тој повика истите правила да важат за сите кандидати за членство во ЕУ, без скратени патеки. Истакна и дека секој што сака да биде дел од ЕУ мора да се придржува до АКИ на ЕУ и да се приспособи на визните прописи.
– Шесте држави од Западен Балкан се парчињата што недостигаат од европскиот мозаик. Но, тука не станува збор само за алтруизам и за личен интерес туку и за проширување на европската безбедносна мрежа во нашето соседство. За да го унапредиме успешниот проект за проширување на ЕУ, сите треба да ги исполниме потребните задачи. Решението нема да дојде однадвор, не од Брисел, не од Виена. Време е да ги оставиме зад себе различните гледишта и да преземеме геополитичка одговорност, за доброто на нашата заедничка Европа, истакна Штокер на прес-конференцијата.
Штокер рече дека во услови на зголемени глобални неизвесности, особено по руската агресија врз Украина, уште поважно е земјава и регионот цврсто да се закотват во европското семејство. Тој рече дека патот кон ЕУ бара одговорност, исполнување на обврските и заедничка политичка волја, без очекување решенијата да дојдат однадвор.
– Овие дискусии не се одвиваат во вакуум. Особено агресијата на Русија врз Украина драматично го промени геополитичкиот пејзаж. Оваа ситуација, исто така, остави влијание и врз Западниот Балкан, затоа, најдобро ќе биде Северна Македонија и целиот регион цврсто да се закотви во нашето семејство ЕУ. Сега е моментот да размислуваме и да дејствуваме стратешки, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион. Регионот не може да дозволи да го пропушти овој геополитички момент. Австрија и понатаму ќе продолжи да биде еден од најголемите поддржувачи на патот кон ЕУ. Вашата земја беше пример за целиот регион долго време и не сакаме овој напредок да се изгуби. Патот кон ЕУ е вистинскиот пат, оној што води кон трајна стабилност и просперитет. Дотогаш, нашиот концепт за постепена интеграција е добар инструмент. Со таквите мерки, ќе ја поедноставиме соработката меѓу нашите земји, ќе создадеме перспективи локално и ја правиме Европа опиплива и блиска за луѓето, рече австрискиот канцелар.
Најголем странски инвеститор во Македонија
Паралелно со евроинтегративниот процес, економската соработка останува еден од клучните столбови на односите со Австрија. Двете земји негуваат силни и развиени билатерални односи, поддржани од значајно економско партнерство и активна дијаспора. Австрија е меѓу најголемите странски инвеститори во Македонија, со значително присуство на компании што отвораат работни места и придонесуваат за развојот на клучни сектори како енергетиката, банкарството, градежништвото и трговијата. Австрискиот канцелар истакна дека економскиот дијалог меѓу бизнис-заедниците од двете земји претставува важна можност за продлабочување на соработката, при што улогата на владите е да создадат услови и да ги отворат вратите за нови инвестиции и партнерства што носат заедничка корист.

– Нашите две држави се тесно поврзани, имаат извонредни билатерални односи, на политичко, економско и културно ниво зајакнати од одлично интегрираната македонска дијаспора. Во таа заедница спаѓаат приближно 27 илјади луѓе и го збогатуваат културниот и економскиот живот во Австрија. Горд сум дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија со вкупен волумен на инвестиции од 1,3 милијарди евра и со тоа даваме одлучувачки придонес кон позитивната динамика. Истовремено, и ние имаме полза од вашиот пораст, партнерството е од заеднички интерес и класична „вин-вин“ ситуација. Преку 50 австриски компании се присутни во Северна Македонија. Вработуваат повеќе од 9 илјади луѓе локално, особено во областите на снабдување со енергија, управување со отпадот, банкарството, градежништвото, трговијата… Австриските компании активно придонесуваат за економскиот развој на Северна Македонија, рече канцеларот.
Штокер најави дека централна компонента на средбите во Виена е економскиот дијалог каде што високи претставници на бизнисот од двете земји директно имаат експертски разговори.
– Нашата задача, како шефови на владите, е да отвориме врати и самите компании ќе поминат низ тие отворени врати, уверен сум во тоа. Така, политиката и бизнисот ќе можат заеднички да донесат резултати од кои двете земји ќе имаат полза. Геополитичките влијанија и неизвесности, исто така, имаат влијание врз Северна Македонија, дотолку поважно е да не го изгубиме од вид регионот на Западен Балкан, особено сега. Проширувањето на Европската Унија е најсилниот и најефикасниот геополитички инструмент за мир, безбедност и просперитет, убеден е австрискиот канцелар.
Тој ја пофали земјава и дека е високо ценет партнер во ограничување на нелегалната миграција, како и за соработката во борбата против трговијата со луѓе. Порача дека нивната безбедност не започнува на австриските граници, туку пред портите на Европа. Штокер истакна дека добрата соработка во однос на миграцијата дава плодови, а дека мерките се ефикасни покажува и фактот што барањата за азил во Австрија, во првиот квартал од 2026 година, биле речиси преполовени во споредба со претходната и за земјата има најмал број барања за азил во изминатите 10 години.
Европа да избере: дали ќе реагира или ќе води
Премиерот Мицкоски, на прес-конференцијата, рече дека определбата на Владата е јасна, гради економија што создава, а не само троши. Мицкоски рече дека има моменти кога Европа мора да избере: дали ќе реагира или ќе води, а денес сме токму во таков момент, живееме во време на преиспитување.

– Време кога сигурноста не се подразбира, кога енергијата станува политика, заедно со економијата, се прашање на опстанок. Во такви околности, зборовите имаат помала тежина од одлуките, а декларациите вредат онолку колку што сме подготвени да ги спроведеме. Затоа, разговорот за економијата, трговијата и инвестициите е техничка тема, но и длабок разговор за тоа каква Европа сакаме да изградиме. Дали ќе биде континент што се приспособува на кризите или континент што го обликува светот и правилата во светот. Нашата определба е јасна. Да градиме економија што создава, а не само троши. Да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност. Да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ние не бараме само странски инвеститори, туку партнерство, доверба и заедничка визија за тоа каде сакаме да бидеме за десет години.
– Не сакаме само да ја одржуваме соработката. Сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво. Новото време бара нова динамика. Повеќе инвестиции во производство. Повеќе вложувања во енергетика. Повеќе партнерства во дигиталната трансформација. Повеќе инфраструктура што поврзува, наместо што раздвојува. Енергетската транзиција е тест за сите нас. Тест на капацитет. Тест на визија. Тест на лидерство. За нас, таа е шанса. Шанса да создадеме економија што ќе биде посилна од кризите и подготвена за иднината. Но таа шанса може да се реализира само со партнери што размислуваат долгорочно. Затоа ни треба Европа што нè чека, туку дејствува. Европа што не се двоуми, туку одлучува. Европа што не се плаши од конкуренција, туку ја создава, истакна македонскиот премиер.
Мицкоски посочи дека Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби, нема да биде стабилна ако нејзините периферии останат несигурни и нема да биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно.
– Затоа, ова е прашање на билатерална соработка. Но, ова е прашање и на заедничката одговорност. Ние сме подготвени да ја преземеме таа одговорност. Подготвени сме да работиме. Подготвени сме да носиме одлуки. Подготвени сме да испорачаме резултати. И затоа веруваме дека со партнерство што се темели на доверба и конкретни проекти, ќе изградиме нешто што ќе трае подолго од еден мандат, подолго од една криза, подолго од една генерација. Европа не смее да биде само идеја. Европа мора да биде резултат, заврши македонскиот премиер.
Жртва на булинг од земја членка на ЕУ
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, Мицкоски го повтори познатиот став на Владата за гаранции дека нема да има дополнителни билатерални прашања кои повторно попатно некој ќе ги отвори и да се почитуваат правата на македонската заедница во Бугарија која што не може да формира невладина организација таму и покрај фактот што Европскиот суд има донесено најмалку 14 пресуди. Мицкоски рече дека иднината на земјава е во рамките на ЕУ, но она што ги фрустрира македонските граѓани и ја прави македонската европска иднина неизвесна е процесот на билатерализација на пристапните преговори.
– Некако овој процес за нас се претвори во приказна без крај. Ги променивме знамето, банкнотите, уставот неколкупати и го променивме името. Нема друг таков пример. Од нас повторно се бара промена на устав. Имаме чувство дека процесот се билатерализира, а ние сме жртва на булинг од земја членка на ЕУ. Условите немаат ништо заедничко со Копенхашките критериуми. Нашата позиција е јасна. Ние сме подготвени како Влада да седнеме со нашите сојузници, со нашите соседи во случајов и да разговараме за решение, истакна премиерот Мицкоски.
По средбата, беше најавено дека премиерот и австрискиот канцелар ќе се обратат на бизнис-форум пред претставници на стопанските здруженија на двете држави на кои ќе се реафирмира одличната економска соработка и ќе се претстават можности за нови инвестиции и продлабочување на соработката меѓу австриските и македонските компании.
Претходно, во вторникот вечерта, премиерот Мицкоски во Виена се сретна со нашинци кои живеат и работат во Австрија и ги повикал да размислат да се вратат, да инвестираат во Македонија и активно да се вклучат во развојот на државата. Премиерот додаде дека дијаспората е нераскинлив дел од нашата татковина и ја охрабрува да се врати и да инвестира, додека Владата работи на обезбедување сигурни услови.

– Разговаравме отворено за предизвиците, но и за можностите што ги имаме како држава. Ги повикав да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата. Како Влада, работиме посветено да создадеме стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори. Овие средби се важни затоа што градат заедништво и доверба. Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по средбата.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа. На агендата на шефот на дипломатијата беа индивидуални разговори со австриската министерка за европски и меѓународни прашања, Беате Мајнл-Рајсингер, како и со министерката за Европа, Клаудија Бауер. (В.С.Н.)












