сабота, октомври 31, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Новиот болид на MES Racing првпат пред јавноста – дело на студенти...

Новиот болид на MES Racing првпат пред јавноста – дело на студенти и млади инженери од Машинскиот факултет/ФОТО

103

Студентите и младите инженери од Машинскиот факултет во Скопје, членови на македонскиот Formula Student тим MES Racing, го претставија својот нов болид, на кој посветено работеа во текот на изминатата година.

Официјалната презентација се одржа во амфитеатарот на Машинскиот факултет, каде што студентите ги претставија резултатите од изминатата сезона, процесот на развој и изработката на новиот болид. По презентацијата, присутните имаа можност да го видат болидот и во демонстративно возење.

 

На настанот присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која ја истакна посветеноста, знаењето и инженерскиот потенцијал на студентите.

„Македонија има иднина. А нејзината иднина се младите. Денес видовме што се случува кога знаењето, идеите, храброста и истрајноста ќе добијат поддршка. Овој болид не е само технички производ – тој е резултат на знаење, тимска работа, посветеност и многу часови вложен труд на овие млади луѓе“, истакна министерката Божиновска.

MES Racing обединува студенти од различни области, кои преку практична работа ги применуваат своите знаења од машинството, инженерството, електротехниката и други дисциплини. Токму преку развојот и изработката на болидот, студентите стекнуваат практично искуство и работат како вистински инженерски тим.

Министерката Божиновска посочи дека поддршката на младите инженери, науката, техничкото знаење и иновациите претставува инвестиција во иднината на македонската економија и индустрија.

„Како институции мораме да бидеме поддршка за младите кои создаваат. Нашата задача е да им помогнеме нивното знаење и идеи да добијат можност да се развиваат и да станат дел од реалниот индустриски и економски развој. Не смееме да дозволиме талентот да остане само потенцијал – треба да создадеме услови тој да се претвори во резултат“, порача Божиновска.

По презентацијата, студентите од MES Racing ѝ врачија благодарница на министерката за досегашната поддршка.

„Јас, пак, им благодарам ним – затоа што покажуваат дека младите не се само иднината на Македонија. Тие се нејзиниот сегашен потенцијал. Продолжете да создавате, продолжете да поместувате граници. Македонија има потреба од вас“, порача министерката.

MES Racing е првиот и единствен македонски Formula Student тим. Преку учеството на меѓународни натпревари, студентите од Машинскиот факултет ја претставуваат Македонија, македонското студентско инженерство и потенцијалот на новата генерација млади инженери.

ИЗДВОЕНИ