Медикаментозниот абортус (со пиење апчиња) на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје е најзастапен начин на прекинување на бременоста во првото тримесечје. Но, покрај медицински спроведените процедури, годинава на Клиниката се соочиле и со друг феномен – пациентки кои сами ја набавиле терапијата, а потоа самостојно ја земале, без претходна процена и контрола од лекар.
Податоците од ГАК покажуваат дека годинава, во првото тримесечје, се евидентирани 832 медикаментозни абортуси, наспроти 38 класични вештачки абортуси. Според Клиниката, околу 95,4 отсто од абортусите до 12 гестациски недели биле медикаментозни. Во второто тримесечје, од 12 до 22 гестациска недела, имало уште 140 медикаментозни абортуси, а кај околу пет пациентки била применета индукција со интраамнијална терапија. Од ГАК наведуваат дека и во оваа група околу 96 отсто од абортусите биле медикаментозни.

Бројките зборуваат за тоа колку често денес се користи оваа медицинска метода. Но, не кажуваат колку жени можеби се обидуваат да ја применат надвор од здравствениот систем. За тоа сведочат самите лекари од Клиниката. Директорката на ГАК, проф. д-р Ирена Алексиевска-Папестиев, за весникот ВЕЧЕР вели дека во текот на годинава имале пациентки кои сами ја набавиле терапијата од странство и некои од нив ја земале на своја рака.
„Во досегашната практика, во 2026 година имавме пациентки кои сами си набавиле терапија – од соседна Грција, Косово и слично – и некои и сами, на своја рака, си ја ординирале терапијата. Не се препорачува вакво земање таблети за медикаментозен абортус без надзор од лекар заради можност од пообилно крвавење, развој на инфекција и сепса при заостанати резидуални маси во матката кои не се отстранети со киретажа, како и честопати неуспешен абортус заради несоодветно дозирање“, предупредува Папестиев.
Дека ова е практика меѓу жените, особено меѓу помладите девојки, сведочат и анонимните дијалози на социјалните мрежи од типот на „каде да ги набавам“ или „што да очекувам дека ќе ми се случи“. Иако точна актуелна цена на црниот пазар во Косово не може сигурно да се потврди, порано објавуваните податоци за лекот „мисопростол“ („цитотек“) покажуваат дека се набавувал за десетина евра, што дополнително го олеснува неговото набавување надвор од медицинскиот систем.
Но, домашната употреба на терапијата кај одредени пациентки е дел од медицинскиот протокол и се прави откако жената е прегледана, проценета и добила точни инструкции. Потоа следува и контрола.
„Кај пациентки со пониска гестациска возраст таблетите може да се дадат за домашна употреба, но со задолжителна контрола на Клиниката. Пациентките кои ја земаат терапијата дома се закажуваат на контролен преглед по две недели, а доколку има потреба, можат да дојдат и порано. Кај пациентки над 12 гестациски недели или кај оние со зголемен ризик, како малолетни пациентки или пациентки со придружни заболувања, медикаментозниот абортус се спроведува на Клиниката, со хоспитализација и медицински надзор“, објаснува директорката за ВЕЧЕР.
Таа дополни дека една од најголемите причини за смртност кај мајките во светот се компликациите поврзани со нелегалните интервенции за прекин на бременоста, кои се крајно небезбедни за жената и затоа медикаментозниот абортус треба да биде лесно достапен и изведен согласно со најдобрите светски стандарди. Токму контролата е делот што најчесто исчезнува кога терапијата се пренесува преку неформални совети, познанства или интернет. Едно искуство на друга жена не може да биде медицинска процена за следната пациентка.
А бројките покажуваат дека станува збор за процедура што се применува на ГАК во голем обем. Од 832 пријавени медикаментозни абортуси во првото тримесечје, Клиниката наведува дека 404 биле кај пациентки со неуспешна бременост, а повеќе од половина или 418 биле на барање на пациентката. Медикаментозниот абортус се спроведува со точно определена терапија и распоред. На ГАК, првата терапија е „мифегин“ 200 милиграми, односно „мифепристон“, а по 36 до 48 часа се применува „мизопростол“ 400 микрограми. Двата лека имаат различна улога во процесот. Папестиев објаснува дека пациентката мора однапред да знае што може да очекува по земањето на терапијата, но и кога симптомите веќе не се нешто што треба да се следи дома.
„При употребата може да се јават болки во долниот дел на стомакот, дијареја, мачнина и повраќање. Кај пообилно крвавење е потребна итна болничка процена, а доколку има заостанато ткиво во матката, може да биде потребна и инструментална ревизија“, вели директорката.
Од ГАК предупредуваат на можност од пообилно крвавење, инфекција и сепса при задржано ткиво во матката, но и на неуспешен абортус доколку терапијата е земена во несоодветна доза. Затоа, кога таблетата се набавува од рака на рака, најголемиот проблем не е само нејзиното потекло. Недостигаат прегледот, процената на гестациската возраст, проверката дали постојат ризици, правилното дозирање и контролата по процедурата.
Причините „на своја рака“ може да бидат различни – страв од осуда, желба за приватност, недоверба, недоволна информираност или, едноставно, уверување дека станува збор за процедура која може да се направи без лекар. На ГАК, медикаментозниот абортус во првото тримесечје има висока успешност, а кај пациентките кои ја земаат терапијата дома е предвидена контрола по две недели. Кај оние со повисок ризик или со бременост над 12 недели, процедурата се спроведува под директен медицински надзор.
Иако абортусот е легален, финансиската бариера останува дел од проблемот – абортусот по барање на жената не е целосно покриен со задолжителното здравствено осигурување, а ниту едно модерно контрацептивно средство не е на позитивната листа. Според најновата анализа на ХЕРА од 2026 година, жените и натаму плаќаат полна цена за оралната контрацепција достапна во аптеките, а организацијата предупредува дека токму економските бариери влијаат врз нееднаквиот пристап до контрацепција. (П. А.)












