Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, и генералниот претставник на кинеската компанија „Синохидро“, Чен Чен, го потпишаа Анекс бр. 8 од Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид.

Со потпишувањето на овој анекс се обезбедуваат дополнителни 186 милиони евра, со нов краен рок за завршување на проектот поставен на 31 мај 2027 година. Анексот овозможува завршување на градежните активности кои вклучуваат санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, изградба на еластична одбојна ограда според EN 1317 стандард, изградба на контролен центар и дополнителни работи за изградба на паралелни патишта.

Од Државни патишта појаснуваат дека со новиот анекс се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата, што ќе овозможи поинтензивно продолжување на градежните активности.

Делницата долга 57 километри се гради повеќе од 12 години, а до крајот на минатата година, за проектот се потрошени речиси 558 милиони евра. Во сообраќај се пуштени околу 40 километри, вклучувајќи ги потезите од Врбјани до Ботун и од Климештани до Охрид. Со новиот анекс, изведувачот се обврзува целосно да ја заврши делницата која е во изградба повеќе од една деценија.

Од компанијата „Синохидро“, која е во целосна сопственост на Power Construction Corporation of China (PowerChina) – една од 500 најголеми компании во светот, деновиве соопштија дека досега се реализирани над 95 % од работите предвидени со оригиналниот договор за автопатот Кичево –Охрид.

Од компанијата информираа дека со поддршка на Владата и на инвеститорот бил забрзан напредокот во делот на експропријацијата и проектната документација. Во текот на 2025 година, на 13 јули, 7 септември и 31 декември, во сообраќај биле пуштени вкупно 27,96 километри од главната траса, вклучувајќи делници од 13,5 км, 12,34 км и 2,12 км.

Од „Синохидро“ наведоа дека во Македонија веќе ги има завршено автопатот Миладиновци – Штип, како и експресните патишта Крупиште – Кочани и Фариш – Дреново, со што се унапредува транспортната инфраструктура во земјата.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид, компанијата појасни дека е одговорна за градежните работи, додека проектната документација, косините, експропријацијата и дислокациите не се во нивна надлежност. Анексот број 8, главно, се однесува на санација на 14 свлечишта и поврзани активности, кои се целосно завршени и одобрени, а градежните работи ќе продолжат согласно одобрените планови.

„Синохидро“ ветува продолжување на професионалниот и одговорен пристап во реализацијата на останатите активности со цел завршување на проектот, подобрување на транспортната поврзаност и социјално-економскиот развој во земјата. Покрај тоа, компанијата ја истакнува и својата улога во корпоративната општествена одговорност, вклучувајќи санација на локални патишта, подобрување на одводнувањето, расчистување на снег и поддршка за локалното население.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ