Министерството за спорт започна со комплетна реконструкција и адаптација на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, го означија почетокот на градежните работи на објектот.

Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, во вкупна вредност од 54 милиони, салата ќе биде целосно обновена и повторно ставена во функција за потребите на студентите.

– Она што го започнавме како Министерство за спорт во соработка со ректорката пред една година, најпрво оваа сала да добие свој сопственик, потоа да го направиме проектот за реконструкција во соработка со УКИМ, денеска конечно добива конкретна реализација. Конечно почнува реконструкцијата на салата која е многу важна за Министерството за спорт, за УКИМ, но најважна е за студентите кои ги држеа часовите по физичко по други сали. Покажавме дека сакаме да поставуваме нови стандарди и секое ветување што го даваме како министерство и јас лично како министер, да го исполнуваме. Ова е уште еден доказ за тоа – истакна министерот Ристовски.

Тој потсети дека за неполни две години, Министерството за спорт направи пет реконструкции на спортски сали, преку 45 реконструкции на спортски игралишта и дека „останува фактор кој ќе промовира позитивни работи, вистински вредности со посебен акцент на спортската инфраструктура и на развојот прво на училишниот, на универзитетскиот и на крај професионалниот спорт“.

Ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, упати благодарност до Министерството за спорт и до Владата и нагласи дека со овој проект практично се решава децениски проблем

– Првиот договор за изградба на спортската сала е направен во 2007 година со тогашната Агенција за млади и спорт и Универзитетот, меѓутоа оттогаш досега имавме низа проблеми кои, пред сѐ, излегоа од нерешениот правен статус на спортската  сала, како и проблеми во рамките на средувањето на градежните работи. По две децении, последнава година, година и половина, успеавме да ги решиме овие работи. Универзитетот работеше на две паралелни патеки. Најнапред, нашиот универзитет со помош на нашите професори од Машинскиот, Градежниот, од Електротехничкиот факултет и од архитектура направија нов главен проект за спортската сала и геодетски елаборат со што почна постапката за решавање на правниот статус на салата. Со препорака на државниот правобранител, оваа спортска сала премина во владение на Владата на Република Македонија,  а потоа со одлука на Владата, оваа сала е доделена во сопственост на УКИМ за што сакам да изразам голема благодарност затоа што целата оваа постапка се спроведе навистина брзо и ефикасно. Паралелно со оваа постапка водевме, уште една, бидејќи градежната дозвола за оваа сала е истечена пред десетина години, за издавање на нова градежна дозвола, односно решение за реконструкција на спортската сала – посочи Ангелова.

Салата ќе им служи на околу 7.000 студенти на УКИМ и, како што беше посочено, значителнo ќе го унапреди универзитетскиот спорт.

 

 

ИЗДВОЕНИ