четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Песна посветена на трагично загинатите во Кочани

Песна посветена на трагично загинатите во Кочани

535

Една година од ужасниот хорор настан….

– Додека ги снимав вокалите, неколкупати морав да застанам. Тешко е да се пее за нешто што толку боли. Но, чувствував дека треба да се испее песната како молитва и како сеќавање – вели поп-пејачката Ана Петановска

Со силни емоции, искрена почит и со длабока човечка болка во песната насловена „Ангелски здив“, познатите македонски музичари Мето ди Флеш и Ана Петановска, заедно со „Енџелс тим“, ја одбележуваат тажната годишнина од трагедијата во Кочани.

Во песната, од која навираат солзи, се зборува за трагично згаснатите животи. Стиховите имаат голема емоционална тежина: „…иако сме од оваа страна, во овој свет, насекаде околу нас ве има ко најубав цвет. Боли и нема да престане, боли срце искинато е, вашиот ангелски здив насекаде околу е“.

Остануваат спомените и сеќавањата на тие што заминаа засекогаш од овоземниот живот, но нивниот дух е тука, секојдневно со нас. Силно одекнува и во срцата на нивните најблиски, но и кај целата македонска јавност. Музиката, текстот и аранжманот ги потпишува Методи Поповски, кој ја создал песната, како што вели, во еден здив. Бил воден од искрените чувства и длабоката почит кон младите ангели, кои прерано го напуштија овој живот.

– Оваа песна, едноставно кажано, излезе од мене. Додека ја пишував, имав чувство како секој збор сам да се јавува. Болката и прашањата што сите ги носиме во себе се претворија во музика – емотивно вели Поповски.

Песната е снимена во студиото „Флеш“, а во нејзината реализација учествуваше и Стефан Петановски, во чие студио Ана Петановска ги сними вокалите. Зад видеото, кое визуелно ја пренесува силната порака на песната, стои Раде Гогоски, кој е комплетен автор – од идеја до финална реализација. Сцените се снимени на различни локации во Струга и во Скопје. Во видеото, своја улога ја има и Анастасија Поповска, која симболично ги претставува нивната младост и сеќавањето на загубените животи.

Треба да се истакне дека иницијативата за овој проект доаѓа од сопственикот на познатиот локал „Енџелс каде“ од Штип. Неговата идеја ги обединила уметниците и соработниците во заедничка мисија: преку музиката да се испрати порака за љубов, сочувство и вечен спомен.Пејачката Ана Петановска вели дека ова е една од најтешките, но и најискрени песни што ги испеала. – Додека ги снимав вокалите, неколкупати морав да застанам. Тешко е да се пее за нешто што толку боли. Но, чувствував дека треба да се испее песната како молитва и како сеќавање. Се надевам дека барем малку ќе им донесе утеха на семејствата на загинатите.

И, Мето ди Флеш вели дека е овој проект повеќе од музика. – Ова не е само песна. Ова е порака, спомен и почит. Секој од нас даде дел од своето срце во ова дело. Нека биде „Ангелски здив“ потсетник дека никогаш нема да бидат заборавени тие млади животи – вели тој.

Со силна порака и искрена емоција, „Ангелски здив“ не е само музичко дело туку и тивка посвета – спомен на ангелите што останаа во срцата на сите. Инаку, песната завршува со надеж и ветување што одекнува како утеха: „…но еден ден, некогаш, кога и да е, ќе бидеме заедно, ти ветувам, во некој друг свет“. Токму со таа надеж, преку музиката, продолжува да живее сеќавањето на оние што прерано заминаа, оставајќи зад себе ангелски здив што засекогаш ќе остане околу нас.

ИЗДВОЕНИ