среда, август 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нови 126 контејнери за почист Прилеп

Нови 126 контејнери за почист Прилеп

26

Во рамките на проектот за регионално управување со цврст отпад, во Општина Прилеп, ЈКП „Комуналец“ почна со поставување нови контејнери за мешан комунален отпад и контејнери за селекција на отпадот, со што се заменуваат старите и дотраени садови.

Во рамките на проектот, од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Прилеп доби 126 контејнери за фрлање отпад по принципот на сува и влажна фракција.

– Новите контејнери претставуваат значаен чекор кон подобрување и реализација на воспоставениот современ и ефикасен систем за управување со отпадот, имплементиран во Општина Прилеп, со цел подобрување на јавната хигиена, заштита на животната средина и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. За да продолжи да функционира системот успешно, неопходна е активната поддршка и, пред сè, одговорност на секој граѓанин – потенцираат од ЈКП „Комуналец“.

Од претпријатието објаснуваат дека во зелените контејнери за мешан комунален отпад се фрла отпад што не може да се рециклира.

– Во контејнерите за селекција се фрла само отпадот за кој се наменети: пластика, лименка, најлон, хартија, картон и друга амбалажа, согласно со ознаките поставени на контејнерите. Секоја амбалажа го има унифицираниот знак за рециклирање, кој треба да се следи. Отпадот треба да биде фрлен во внатрешноста на контејнерот, а не покрај него. Не треба да се остава градежен, кабаст или друг отпад што не е предвиден за овие садови, кои веднаш се оштетуваат по фрлањето недозволен отпад – велат од ЈКП „Комуналец“.

Притоа, наведуваат дека со притискање и преклопување на картонските кутии и на пластичната амбалажа, се овозможуваат поголем капацитет и поефикасно собирање на отпадот.

– Ова најмногу треба да го практикуваат бизнисите, кои исфрлаат големи количини картонски отпад, но и граѓаните во домашната канта за селекција – потенцираат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека со правилна селекција, секој придонесува за зголемување на рециклирањето, намалување на количината отпад што завршува на депониите, почиста и поздрава животна средина, поефикасно идно регионално депонирање на отпадот и за спречување во безмилосното искористување на природните ресурси.

Јавното претпријатие ги замолува и повикува сите граѓани совесно да ги користат новите контејнери, да ја почитуваат нивната намена и да дадат придонес за почист, еколошки град, а титулата зелена општина, како што нагласува, да се почитува и носи со гордост.

 

ИЗДВОЕНИ