Македонската планинарска сцена се збогати со уште една значајна маршрута откако Асоцијацијата „Македонска бесконечна трансверзала – Самиана“ ја промовираше новата секција Z2, позната како „Балканска небесна трансверзала“ или „Balkan Skyline Trail“. Станува збор за високопланинска патека долга 202 километри, која се протега по највисоките делови на Шар Планина и планинскиот масив Кораб. Со просечна надморска височина од над 2.000 метри, рутата се издвојува како една од највисоките долги планинарски трансверзали во Европа, а според организаторите е и највисока на Балканот.

Концептот на патеката е базиран на максимално задржување на високите планински гребени, па повеќе од половина од трасата минува над границата од 2.000 метри надморска височина. Особено предизвикувачки е делот низ Кораб, каде доминира алпски терен со стрмни и технички сложени премини. Поради тоа, од асоцијацијата предупредуваат дека оваа делница е наменета исклучиво за искусни планинари кои располагаат со соодветна физичка подготвеност и искуство во движење на високогорски терен.

Новата Z2 секција претставува осма јавно достапна етапа од проектот „Самиана“, амбициозна планинарска трансверзала која во својата конечна верзија треба да опфати околу 2.070 километри и да ги поврзе речиси сите планински региони во земјата. Зад реализацијата стои тим од волонтери и љубители на планината кои со години работат на трасирање, мапирање и теренско обележување на патеките.

Со отворањето на оваа делница, Македонија дополнително го зацврстува својот потенцијал на меѓународната планинарска мапа. Воедно, организаторите посочуваат дека источниот дел од трансверзалата веќе е целосно завршен и ставен во функција, при што седумте секции низ централниот и источниот дел на државата веќе привлекуваат посетители од странство кои доаѓаат специјално за да ја поминат маршрута.

Објавувањето на секцијата Z2 претставува уште еден чекор кон комплетирање на националната планинарска трансверзала, која постепено ја добива својата финална форма и го заокружува концептот за единствена патека што ќе ја поврзе Македонија од исток до запад.

Деталните информации за новата рута, вклучително и GPS-траги, опис на етапите и препораки за организација на турата, се достапни на официјалната интернет-страница на проектот. Од асоцијацијата нагласуваат дека патеката е наменета за планинари кои поседуваат навигациски вештини и искуство во движење низ сложен алпски терен.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ