На Клиниката за инфективни болести во изминатото деноноќие е хоспитализирано уште едно 76-годишно лице кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, а серолошките анализи покажале присуство на вирусот Западен Нил.
Со новиот пациент, вкупно седум лица се водат како клинички сомнителни случаи, додека кај 10 пациенти е потврдено присуството на западнонилска треска. Од нив, тројца се во критична состојба, хоспитализирани на Одделот за интензивна нега и приклучени на механичка вентилација. Засега нема подобрување на нивната здравствена состојба. Сите пациенти се од Скопје.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, информираше дека за да се потврди невроинвазивната форма на болеста кај најновиот сомнителен случај, потребни се дополнителни испитувања на цереброспиналната течност.
Тој појасни дека ПЦР-тестирањето не претставува златен стандард за дијагностицирање на невроинвазивната форма на западнонилската треска, поради што пациентите се подложуваат на дополнителни лабораториски анализи и се третираат како заболени од оваа инфекција.
Според д-р Цана, инкубацијата на болеста трае до 14 дена, а најголем ризик од развој на тешка клиничка слика имаат лицата постари од 60 години, хронично болните и лицата со ослабен имунитет. Тој потсети дека кај околу 80 проценти од заразените, болеста поминува со лесни симптоми или целосно без симптоми.












