Според појаснувањето на министерката за финанскии, Гордана Димитриеска Кочоска, буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг, во вкупен износ од 76,4 милијарди денари (околу 1,24 милијарди евра), ќе се покриваат преку комбинација од домашно и странско задолжување. Од оваа сума, над 54 милијарди денари (околу 878 милиони евра) се предвидени за сервисирање на обврските кон странски кредитори, а околу 20 милијарди денари (околу 325 милиони евра) за отплата на домашниот долг.
Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, предложен од Министерството за финансии, со кој се врши корекција на буџетските проекции согласно актуелните економски услови и се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на приоритетни инфраструктурни и развојни проекти.
На прес-конференција во Владата, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека ребалансот е подготвен во период на „зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност“, но нагласи дека македонската економија и понатаму покажува отпорност.
– Со ребалансот обезбедуваме стабилност на јавните финансии, но истовремено создаваме простор за повеќе инвестиции, поголема економска активност и поквалитетни услуги за граѓаните. И во услови на глобална неизвесност остануваме посветени на одговорно управување со јавните средства и поддршка на развојот – изјави министерката.
Според ревидираните проекции, вкупните буџетски приходи се утврдени на 379,2 милијарди денари (околу 6,17 милијарди евра), додека даночните приходи остануваат речиси непроменети и се проектирани на 213,2 милијарди денари (околу 3,47 милијарди евра).
Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриеска-Кочоска посочи дека растот на приходната страна се должи пред сè на очекуваните донации и на повисоките неданочни приходи.
– Има над 10 милијарди денари по сопствени сметки на одредени институции“, рече министерката, додавајќи дека институциите во процесот на подготовка на ребалансот побарале дополнителни 50 милијарди денари (околу 813 милиони евра), што значително ги надминувало реалните можности на Буџетот.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари (околу 6,91 милијарди евра). Дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделските субвенции, железничкиот транспорт, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и кон социјалните програми за ранливите категории граѓани.
Министерката потенцираше дека при подготовката на ребалансот од министерствата било побарано да направат кратења до пет проценти, но дека во пракса биле реализирани „многу мали кратења“, со цел да не се наруши функционирањето на институциите.
Со ребалансот, буџетскиот дефицит се проектира на 46,1 милијарди денари (околу 750 милиони евра) или 4,1 проценти од БДП. Министерката нагласи дека ова зголемување не е резултат на повисока тековна потрошувачка, туку на зголемени капитални расходи.
– Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој – изјави Димитриеска-Кочоска и истакна дека реализацијата на буџетскиот дефицит нема да надмине четири проценти.
Еден од клучните елементи на ребалансот е зголемувањето на капиталните расходи, кои достигнуваат 46 милијарди денари (околу 748 милиони евра). Во однос на првично усвоениот Буџет, капиталните расходи се зголемени за 5,8 милијарди денари (околу 94 милиони евра), што претставува раст од 14,5 проценти. Средствата ќе бидат насочени кон реализација на инфраструктурни проекти од стратешко значење, меѓу кои: Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје – Блаце, железничкиот Коридор 8, водоводни и канализациски системи и пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, училишта, градинки и студентски домови и за рурален развој и модернизација на земјоделството.
Дополнително, Владата најавува и засилени инвестиции во локалната инфраструктура преку општините.
– Значително се зголемуваат средствата за капитални проекти во општините преку инвестиции во локална патна и комунална инфраструктура, образовни и спортски објекти – истакна министерката.
Особено внимание на прес-конференцијата привлече одговорот на министерката на новинарско прашање за распределбата на дополнителните средства. Таа објасни дека најголемо дополнително зголемување на средства добива Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ќе располага со дополнителни 2,3 милијарди денари (околу 37,4 милиони евра) за капитални расходи. Веднаш зад него е Министерството за транспорт и врски, кое добива дополнителни 1,4 милијарди денари (околу 22,8 милиони евра), бидејќи, како што појасни министерката, веќе ги потрошило првично одобрените средства.
Дополнителни средства се обезбедени и за Министерството за образование и наука и за Министерството за здравство, како и за Државната изборна комисија на која ѝ се одобрени над 200 милиони денари (околу 3,25 милиони евра) за набавка и модернизација на изборна опрема. Таа рече дека аако ДИК побарала значително повеќе средства, Владата одобрила дел од барањата.
Според појаснувањето на министерката Димитриеска Кочоска, буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг, во вкупен износ од 76,4 милијарди денари (околу 1,24 милијарди евра), ќе се покриваат преку комбинација од домашно и странско задолжување. Од оваа сума, над 54 милијарди денари (околу 878 милиони евра) се предвидени за сервисирање на обврските кон странски кредитори, а околу 20 милијарди денари (околу 325 милиони евра) за отплата на домашниот долг.
Министерката изрази очекување дека јавниот долг ќе остане под границата од 60 проценти од БДП.
– Согласно реализацијата на номиналниот БДП, сите податоци говорат дека ќе биде многу повеќе од тоа што е проектирано – рече таа, алудирајќи на повисок економски раст кој би влијаел врз односот меѓу долгот и БДП.
Опозициската СДСМ жестоко го критикува предложениот ребаланс, оценувајќи дека Владата признава оти буџетската политика е неодржлива. Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, изјави дека зголемувањето на дефицитот претставува доказ дека „во Буџетот нема пари“.
– Целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината. Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува – рече Поповиќ.
Таа оцени дека со проектираниот дефицит од 4,1 процент Владата ги нарушува фискалните правила и предупреди дека тоа ќе значи нови задолжувања.
– Продлабочувањето на дефицитот значи нови скапи задолжувања што ќе ги враќаат граѓаните и идните генерации преку повисоки камати, даноци и поскапи услуги – изјави Поповиќ.
СДСМ тврди и дека јавниот долг за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра, достигнувајќи околу 11 милијарди евра. Во таа насока, потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска оцени дека Владата во изминатите две години не испорачала резултати во економската и социјалната сфера.
– Нула во реформи, немаме подобрување на животниот стандард, немаме зголемување на минимална плата, немаме мерки за млади, немаме поддршка за земјоделците – изјави Тренчевска. Според неа, Владата покажала „расипничко однесување“, а буџетскиот дефицит е речиси целосно исцрпен уште на средината на годината.
Полемиката околу ребалансот на Буџетот се очекува да продолжи и во Собранието, каде власта ќе го брани ставот дека дополнителното задолжување е насочено кон развојни инвестиции, додека опозицијата ќе инсистира дека станува збор за опасно продлабочување на дефицитот и јавниот долг.

Нето платата во април 48.779 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април годинава изнесуваше 48.779 денари, а во однос на април минатата година е повисока за 7.3 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 27 %, Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9,4 % и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 9,2 %.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 20,1 %, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 2,1 % и Административни и помошни услужни дејности за 2 %.
(С.Бл.)












