вторник, јуни 23, 2026
Дома СВЕТ Претседателот и премиерот во отворен конфликт: Кој ќе ја претставува Чешка на...

Претседателот и премиерот во отворен конфликт: Кој ќе ја претставува Чешка на самитот на НАТО – ќе одлучи судот

23
EPA/Albert Zawada POLAND OUT

Чешкиот претседател Петр Павел поднесе жалба до Уставниот суд откако владата на земјата го отфрли неговото барање да ја предводи чешката делегација на самитот на НАТО следниот месец во Анкара, соопшти денеска неговиот кабинет.

Владата на чешкиот премиер Андреј Бабиш го отфрли барањето на Павел да ја предводи чешката делегација на самитот на НАТО на 7 и 8 јули во Анкара, велејќи дека на извршната власт е да ги претставува државните ставови, вклучително и за одбранбената политика и воените трошоци, објави Ројтерс.

Павел ја нарече одлуката „преседан“ и рече дека тоа е „крајно несреќен чекор“.

Чешката влада претходно соопшти дека нема да го вклучи претседателот Петр Павел, поранешен висок функционер на НАТО, во чешката делегација за самитот на Алијансата следниот месец, со што ја наруши традицијата и предизвика правна битка со државниот врв.

Премиерот Андреј Бабиш, лидер на популистичката партија „Акција на незадоволните граѓани“ (АНО), кој ги загуби претседателските избори во 2023 година од Павел, изјави дека е должност на владата да ги брани своите позиции, вклучително и ниските трошоци за одбрана.

– Ова е многу специфичен самит – изјави Бабиш на прес-конференција. – Веројатно нема да биде многу пријатен за нашата земја, но ние носиме одговорност да ја браниме нашата позиција.

Согласно чешкиот Устав, претседателите имаат ограничени овластувања, а надворешната политика ја определува владата. Но, откако земјата се приклучи на НАТО во 1999 година, претседателите речиси секогаш ги предводеа чешките делегации на самитите на Алијансата, понекогаш заедно со премиерите.

Петр Павел е кариерен воен функционер, генерал кој ја водел чешката армија, а исто така бил и претседател на Воениот комитет на НАТО од 2015 до 2018 година. Тој инсистира да учествува на самитот на 7 и 8 јули во турскиот главен град Анкара. Претседателот е страстен поддржувач на Украина во нејзината одбрана од Русија, додека владата на Бабиш ја намали поддршката на Чешка.

ИЗДВОЕНИ