вторник, јуни 23, 2026
Дома СВЕТ Нова премиерска смена, шеста за една деценија: Може ли некој да ја...

Нова премиерска смена, шеста за една деценија: Може ли некој да ја поправи Британија?

1
epa05280239 Andy Burnam MP (C), Former Liverpool Manager Kenny Dalglish (R) and Margret Aspinall (R) join the family and friends of the 96 victims of the Hillsborough disaster to sing 'You'll Never Walk Alone' in remembrance of those who died at the Hillsborough disaster, a day after after a court delivered the unlawful killing verdict in the Hillsborough inquest, outside St George's Hall in Liverpool, Britain, 27 April 2016. The Hillsborough disaster was a human crush that caused the deaths of 96 people and injured 766 others, at an FA Cup semifinal soccer match between Liverpool and Nottingham Forest at Hillsborough Stadium, Sheffield, England, on 15 April 1989. EPA/PETER POWELL

Во понеделникот изутрината, Кир Стармер излезе пред резиденцијата на премиерот на Даунинг стрит, опкружен со помошниците и со својата сопруга и со глас исполнет со емоции рече дека повеќе не е вистинската личност да ја води Британија. Стармер, кој постигна една од најголемите изборни победи во историјата на британската политика, заминува по помалку од две години. Тој е шестиот премиер што се повлекува за 10 години, што е највисока стапка на политичка флуктуација за речиси два века.

Како и неговите претходници, Стармер не успеа да го спречи незадоволството на граѓаните од животниот стандард, кој стагнира од финансискиот крах во 2008 година, додека зголемениот јавен долг, предизвикан од глобалните шокови како што е пандемијата на ковид, ги ограничи владините трошоци. Ентони Селдон, историчар што ја следел судбината на британските премиери во книги како „Невозможната функција“, рече дека Велика Британија е во многу длабока криза откако Стармер и неговите претходници, како што се Лиз Трас и Борис Џонсон, не успеаја да всадат доверба и да изградат јасен политички наратив, пишува „Ројтерс“.

– Ако Енди Барнам не успее како премиер, перспективата за Велика Британија е мрачна – изјавува тој за агенцијата, зборувајќи за веројатниот наследник на Стармер.

Велика Британија некогаш беше столб на политичка и на економска стабилност, земја на лидери како Маргарет Тачер и Тони Блер, чии комбинирани 21 година на власт помогнаа во преобликувањето на модерна Британија. Сепак, глобалната финансиска криза силно ја погоди земјата, која во голема мера се потпираше на преголем финансиски сектор како извор на економски раст, додека мерките за штедење во јавниот сектор што следуваа ја оставија неподготвена за она што следуваше. Последниот премиер што победи на изборите независно, без поддршка од друга партија, и отслужи цел мандат беше Блер, помеѓу 2001 и 2005 година. Велика Британија, која некогаш ја исмејуваше Италија за нејзината постојана промена на раководството, сега со завист гледа кон Џорџа Мелони, која е на пат да стане премиер со најдолг стаж во историјата на Италијанската Република, со речиси четири години на власт. Иако многу аналитичари ја поврзуваат нестабилноста на Велика Британија со гласањето за Брегзит пред 10 години, Џил Рутер, поранешен службеник во Министерството за финансии и виш соработник во Институтот за влада, рече дека сè почнало со финансискиот крах. Сем Фридман, поранешен владин советник, во својата неодамна објавена книга „Неуспешната држава: Зошто ништо не функционира и како да се поправи“, тврди дека Велика Британија е премногу централизирана, а нејзините клучни државни институции се премногу мали за да се справат со предизвиците. Роџер Гејл, еден од пратениците со најдолг стаж во Велика Британија, изјави за „Ројтерс“ дека Владата треба да забави.

– Има премногу закони. Повеќето од нив се лоши, а многу од нив се лошо напишани – рече тој.

Изборите за лидер формално ќе почнат на 9 јули. Доколку навистина нема противкандидат, бидејќи неговиот единствен сериозен ривал, поранешниот министер за здравство Вес Стритинг, изјави дека нема да му се спротивстави, Барнам, веројатно, ќе ја преземе функцијата премиер кон средината на јули.

Стармер е критикуван за доаѓањето на власт без јасен план за тоа како да се справи со сè. Критичарите го прикажуваат Барнам како некој што постојано ги менувал своите политички ставови и се обидувал да се претстави како „обичен човек од народот“, а не како високообразован професионален политичар, што всушност е. Неговата најголема предност во очите на пратениците е тоа што изгледа како победник, што би можело да го стави во незгодна позиција ако драстично му се намали популарноста, како што му се случуваше на секој понов премиер.

 

ИЗДВОЕНИ