Изложбата „Експериментален цртеж“, реализирана на тема „Невидливи траги“ во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), предизвика исклучително голем интерес кај белградската публика.

Во Македонскиот културно-информативен центар во Белград се претставени дела од 42 уметници – членови на ДЛУМ, а љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат изложбата до 9 јули 2026 година.

– Станува збор за традиционална изложба што ДЛУМ ја организира секоја година на јавен повик. Годинава, во рамките на одбележувањето на 80 години од постоењето на Друштвото, изложбата доби и меѓународна презентација. Ова претставување предизвикува голем интерес и по свеченото отворање, посочува директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.

По премиерното претставување на 28 април во Музејот на Град Скопје, белградската публика има можност да ги види делата на: Јана Манева-Чупоска, Ицко Петрески, Ивона Велковска, Ацо Таневски, Гоце Божурски, Слободан Милошески, Златко Глигоров, Ангел Димовски Чауш, Душан Георгиевски, Марина Коцарева Ранисављев, Марија Мицова Гацова, Елена Гелева, Зулејха Зубери Али, Христина Хаџиева, Ненад Тонкин, Стефан Јакимовски – Стеф, Константин Качев, Елена Николоска Цветковиќ, Ристо Мијаковски, Иво Пецов, Стефан Анчевски, Наташа Андонова, Дијана Томиќ Радевска, Јана Јакимовска, Мирјана Крстева Масети, Ирена Паскали, Стефан Хаџи Николов, Марина Цветановска Мартиновска, Дејан Иванов Маргуш, Љупка Галазка Василев, Нина Богуновиќ, Ана Ивановска, Татјана Ристовска Керакамика, Тања Балаќ, Маја Рауник Кирков, Марија Чепишева, Стефан Младеновски, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Златко Хаџи Пецов, Перо Кованцалиев и Слободан Живковски.

На отворањето во Белград, организирано со поддршка на Министерството за култура и туризам, присуствуваа претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, претседателката на Уметничкиот совет на Друштвото, Маја Рауник Кирков, како и годинашниот награден автор Ицко Петрески.

–Изложбата е традиционална и последните неколку години, со поддршка на Министерството за култура и туризам, ја претставуваме и надвор од Македонија. Годинава ја презентиравме во Македонскиот културно-информативен центар во Белград, каде што за првпат се претставуваме како здружение. Особено ми е драго што имавме можност да се сретнеме со белградската ликовна публика, која има високи критериуми и знае да препознае квалитет. Наидовме на вистински професионалци и публика со остро око за секој детаљ од делата на нашите автори.

Голема благодарност до директорот Васко Шутаров за професионалниот пристап и за ангажманот околу организацијата и привлекувањето бројна публика, како и на Александар Стоименовски. Ова претставување е особено значајно бидејќи годинава одбележуваме 80 години од постоењето на ДЛУМ. Воведовме и практика на меѓународните претставувања да присуствува и наградениот автор. Дополнително, самата локација на Центарот, во срцето на Белград, овозможува и случајните минувачи да се запознаат со македонската современа ликовна уметност. Значајна е и соработката со српските колеги, особено со УЛУС и со Здружението на применети уметници. Со УЛУС започнавме меѓународен проект и аплициравме за повеќеслоен регионален проект што ќе овозможи организирање заеднички изложби и продлабочување на соработката меѓу здруженијата од Балканот“, изјави Јана Манева-Чупоска. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ