Ваквите средби, иако возбудливи за јавноста, се и потсетник за потребата од внимателност. Граѓаните се повикуваат да не им се приближуваат на дивите животни и да ја почитуваат нивната оддалеченост, со цел да се избегнат непотребни ризици и да се зачува рамнотежата на екосистемот

 

 Шар Планина повторно ја покажа својата тивка, но моќна страна преку две одделни средби со диви животни кои во изминатиот период воодушевија, но и потсетија на важноста од внимателно и одговорно однесување во планинската природа.

Од нежна сцена со две мали срнички, до ретка глетка на мечка со младенче – природата испрати јасна порака: овие простори се жив дом кој бара почит и мир.

При една теренска обиколка, вработени на Националниот парк „Шар Планина“ на терен имаа несекојдневна средба со две мали срнички.

– Животните накратко се приближија најверојатно во потрага по својата мајка, по што мирно се повлекоа назад во шумата. Станува збор за многу млади единки, стари само неколку недели, што се забележува по нивните карактеристични бели дамки – информираа од паркот.

Според нив, ако ваквото однесување често може да создаде впечаток дека младенчето е напуштено, оттаму нагласуваат дека тоа најчесто не е случај.

– Мајката обично се наоѓа во непосредна близина и периодично се враќа за да ги дои и заштити. Во конкретниот случај, срните беа во добра здравствена состојба, без знаци на повреда или дехидрација, поради што се оставени во нивното природно живеалиште – истакнаа од паркот.

Во пораката до посетителите на планината од НП „Шар Планина“ велат дека доколку се сретнат со младенче од диво животно, најголемата помош е да се зачува мирот.

– Не треба да се допира, преместува или зема со себе, бидејќи човечкото присуство може да ја наруши природната грижа на мајката – велат од НП „Шар Планина“.

Деновиве уште една ретка и импресивна сцена е забележана во близина на Тетово, кај ридот Балтепе и Калето.

Тетовец успеал да сними мечка со младенче, што уште еднаш потсетува дека Шар Планина е дом на богат и разновиден див свет кој сè уште слободно живее во своите природни живеалишта.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ